2010



Понеделник, 19 јули 2010

Европската комисија предложи мерки за зголемување на довербата на потрошувачите во финансиските услуги

Европската комисија на 12 јули оваа година предложи пакет на мерки за измена на постојните европски правила, а со цел да се зголеми довербата во финансиските услуги. Мерките се однесуваат на дополнително подобрување на заштитата на корисниците на банкарските сметки, подобрување на заштитата на осигурителните полиси и за инвеститорите во ЕУ.

Со неодамнешните случувања и турболенции на пазарот беше потврдена потребата за брзо завршување на реформите потребни за да се зајакне и да се стабилизира финансискиот систем, како на европско, така и на светско ниво. 

Комисијата организираше јавна консултација за можностите за подобрување на заштитата на корисниците на осигурителни полиси, вклучувајќи ја и можноста за воспоставување планови за осигурување на гаранциите во сите земји-членки на ЕУ.

Клучни елементи на предлогот на Комисијата се: подобра покриеност, побрзи исплати на средства, подобро информирање на корисниците и долгорочно и одговорно финансирање.

Со усвоените мерки, се предвидува заштита на корисниците на банкарски сметки во случај на стечај на банка. Корисниците во рок од 7 дена ќе може да ги добиваат сопствените средства назад, а се зголемува и износот на обештетувањето до 100.000 евра. 

Пакетот мерки на Комисијата содржи:

  1. Предлог за подобрување на гарантните депозити во европските банки. Комисијата предлага сите банки во Унијата да обезбедуваат подеднакво ниво на заштита на вложувачите, побрза исплата на средства во случај на банкарски стечај, како и побрзо информирање на сопствениците на банкарските сметки. Во моментот во 27 земји-членки се користат 40 планови/шеми за гарантните депозити, но понекогаш плановите се различни дури и во една иста земја;
  2. Предлог за подобрување на европските планови за компензација на инвеститорите. Овие планови имаат за цел да обезбедат заштита на инвеститорите од ризици во случај на штети кога инвестиционата компанија не е во состојба да ги отплаќа или да ги враќа средствата до клиентите. Со цел да се обезбеди подеднакво ниво на заштита на целата територија на ЕУ, Комисијата предлага минимални правила како треба да функционираат плановите за компензација. Во моментот во ЕУ се користат 30 планови за компензација на инвеститорите кои обезбедуваат различен степен на заштита;
  3. Бела книга за плановите за осигурување на гаранциите. Овие планови обезбедуваат крајна примена на заштита до потрошувачите во случај кога осигурителното друштво/осигурителот не е во можност да ги исполни договорните обврски. Во моментот нема заеднички европски правила за плановите за осигурување на гаранциите, само 12 од земјите-членки користат еден или повеке од овие планови. Со Белата книга ќе се утврдат идеи за една кохерентна рамка за плановите за осигурување на гаранциите за целата територија на ЕУ со цел да се отстранат постојните пречки;
  4. Подобро информирање. Корисниците на банкарските сметки ќе бидат подобро информирани за покриеноста и начинот на функционирање на планот преку нов лесно разбирлив стандарден образец, како и за состојбата на сопствената банкарска сметка.
Click