2010



Вторник, 15 јуни 2010 година

Европска енергетска заедница за 21 век

На заедничкиот парламентарен состанок на членовите на Европскиот парламент и членовите на националните парламенти, одржан во ЕП на 7 и 8 јуни оваа година, се дебатираше на тема „Кон Европска енергетска заедница за 21 век".

Трите столбови за формирање на новата Европска енергетска заедница се: одржливостa, конкурентноста и безбедностa во снабдувањето со енергија. Прв чекор за формирање на енергетската заедница е интерконекција на националните енергетски мрежи на земјите-членки на Унијата.

Во Декларацијата за создавање на Европска енергетска заедница, покрената на 5 мај годинава по иницијатива на актуелниот претседател на Европскиот парламент г. Јержи Бузек и поранешниот претседател на Европската комисија г. Жак Делор, наведено е дека „во новата декада од 21 век, Европа се соочува со неколку кризи во областа на енергетиката, животната средина, а пред сè во економијата. Состојбата повикува на нови приоритети, а предизвиците нудат нови можности. Развојот на одржливи и прифатливи алтернативни извори на енергија е клучен за нова индустриска револуција што ќе придонесе за излез на Европа од економската криза".

Европската унија мора што поскоро да ги донесе правилата за регулирање на заедничката енергетска политика со цел да ја подобри конкурентноста и безбедноста во снабдувањето со енергијата.

Во дебатата се потенцираше потребата од поголема активност на земјите-членки во создавањето на заедничка регулатива за енергетскиот сектор, потребата за меѓусебно поврзани енергетски мрежи заради создавање единствен пазар, како и потребата за поголеми истражувања во областа на обновливите извори на енергија.

Учесниците во дебатата говореа за можностите за напредок во енергетскиот сектор, предлозите за шенген модел за слободно движење на енергетските ресурси со цел да се олесни соработката во енергетскиот сектор.

Целосно поврзани енергетски мрежи се предуслов за единствен пазар на енергија, тоа ќе се овозможи намалување на цените на енергијата во корист на потрошувачите. Поголемата енергетска ефикасност ќе ја подобри конкурентноста на секторот, со што ќе се овозможи снабдувачите на енергијата да ги насочат инвестициите кон почисти алтернативни извори.

Учесниците повикаа на поголема енергетска ефикасност и поголема соработка на земјите-членки во развојот на чисти технологии. Фискалната и финансиската поддршка може да доведе до зголемување на производството и намалување на трошоците на подолг рок. 

Претседателот на Европскиот парламент, г.Јержи Бузек, истакна дека „обновливите ресурси треба да бидат врвен приоритет на идната Европска енергетска политика, најдобра основа за идната Европска енергетска заедница е зајакнување на соработката меѓу земјите-членки на ЕУ".

Click