2010

Четврток, 21 јануари 2010 година, Мадрид

Европска година за борба против сиромаштија и социјално исклучување

Европската комисија и Шпанското претседателство со ЕУ ја започнаа 2010 година како Европска година за борба против сиромаштијата и социјалното исклучување. На Конференцијата во Мадрид беше претставена програма за подигање на свеста за сиромаштијата под слоганот „Стоп за сиромаштијата, сега!“.

Програмата ќе се имплементира во земјите членки на Европската унија, како и во Исланд и Норвешка. Вкупниот буџет на програмата изнесува 17 милиони евра (дополнет со национално кофинансирање) со кој се очекува да се покријат активностите како на европско така и на национално ниво. Средствата ќе бидат наменети за реализација на кампањи и национални проекти за подигнување на свеста за борбата против сиромаштијата. Целта на кампањите е оваа тема да биде ставена во фокусот на интересите на ЕУ во текот на 2010 година.

Европскиот комесар за вработување, социјални прашања и еднакви можности Владимир Шпидла нагласи дека секој шести Европјанин секојдневно се бори против сиромаштијата, која може да влијае на секој човек, како и на општеството во целина. Ова прашање е ставено на врвот од европската агенда, со цел Европа со заеднички сили да се справи со сиромаштијата и социјалното исклучување.

Годишните активности ќе бидат во голема мера децентрализирани и ќе се реализираат  преку националните програми изготвени од 29 земји (27 земји членки плус Исланд и Норвешка). Настаните по повод Европската година за борба против сиромаштија и социјално исклучување ќе се организираат меѓу земјите учеснички, ЕУ, во партнерство со граѓанското општество, невладините организации и социјалните партнери. Низа активности ќе бидат организирани низ цела Европа, кампањи за подигање на свеста на луѓето, информативни средби во училиштата, тркалезни маси и обука за медиумите и одговорните лица. Планираните активности и настаните вклучуваат и две наменски недели, новинарски натпревар, ликовна изложба, и две големи конференции во јануари и декември 2010.

Крајот на Европската година за борба против сиромаштија и социјално исклучување ќе биде обележан со завршна конференција која ќе се одржи на 17 декември во Брисел, под покровителство на Белгиското претседателство со ЕУ.

Click