2010



Среда, 15 декември 2010 година

Европска граѓанска иницијатива

На состанокот одржан во Брисел на 14 декември оваа година, Советот за општи работи на ЕУ го поддржа договорот постигнат меѓу Европскиот парламент и Европската комисија во врска со нацрт-регулативата за Европската граѓанска иницијатива. Со нацрт-регулативата се утврдуваат постапките и условите за спроведување на граѓанската иницијатива. Предложената иницијатива мора да биде во рамките на областа која е во надлежност на ЕУ и во согласност со вредностите на Унијата.

Со Европската граѓанска иницијатива што претставува новина која произлегува од Договорот од Лисабон, ќе им се овозможи на најмалку еден милион граѓани од најмалку ¼ од земјите членки, да ја повикаат Европската комисија да покрене законодавни предлози во областите кои се во нејзина надлежност.

За прв пат на граѓаните на ЕУ ќе им се овозможи директно да предлагаат ново европско законодавство, што претставува нова димензија на партиципативна демократија во Унијата. Исто така ќе се поттикне прекугранична дебата за ЕУ прашања што ќе придонесе за развојот на вистински европски јавен простор.

Организаторите на граѓанската иницијатива, граѓанскиот комитет составен од најмалку седум граѓани резиденти на седум различни земји членки на ЕУ, откако ќе извршат регистрација на иницијативата ќе имаат рок од една година да собираат еден милион потписи, како и да достават информации за финансирањето и поддршката. Комисијата во рок од три месеци ќе треба да ја испита иницијативата и да одлучи како ќе дејствува по истата.

На 30 ноември беше постигната согласност за нацрт-директивата, се очекува Европскиот парламент да го одобри текстот во прво читање. Советот потоа ќе ја усвои регулативата без понатамошна расправа откако ќе се финализира договорениот текст на актот. Регулативата за Европската граѓанска иницијатива треба да влезе во сила најдоцна до почетокот на следната година. Регулативата треба да се применува од 2012 година со цел да им се овозможи на земјите членки и Комисијата да ги превземат сите потребни мерки за нејзино спроведување.

 


 

Click