2010



Понеделник, 20 септември 2010 година

Европска стратегија за биоекономија базирана на знаење

Клучна улога во новата ЕУ стратегија 2020 ќе има биоекономијата базирана на знаење. Стратегијата ќе обезбеди биолошки решенија за: храната, енергетската криза, намалување на климатските промени и зачувување на биодиверзитетот преку технологијата и индустриската биотехнологија. Биоекономијата како дел од ЕУ стратегијата 2020, е во насока на обезбедуање на нова одржлива, социјална и пазарна економија, позелена економија и напредок обезбеден преку иновации и подобро користење на ресурсите и знаењето, односно науката.

Стратегијата на ЕУ 2020 ќе се гради врз постигнатите резултати од Лисабонската стратегија од 2005 година, која се фокусираше на растот и работните места, но исто така ќе се адресираат и одредени недостатоци од истата.

Во фокусот на биоекономијата базирана на знаење се одржливото управување, производството и користењето на обновливи биолошки извори, преку науката и биотехнологијата и нивна конвергенција со другите видови на технологии. На овој начин ќе се одговори на големите општествени предизвици, подобрување на конкурентноста во ЕУ и високите побарувања на потрошувачите. Во главните сектори на европската биоекономија се земјоделството, шумарството, рибарството, храна, енергија и хемикалии, во кои се вработени околу 22 милиони луѓе.

Преминот кон целосна, одржлива и конкурентна биоекономија може да овозможи безбедна храна во Европа и пошироко, позелена индустрија преку замена на петрохемикалиите со обновливи биолошки суровини и биолошки процеси во секторите на: хемикалии, храна, детергенти, хартија, текстил, биогорива и др. Европската комисија ја препозна индустриската биотехнологија како клучна технологија за справување со климатските промени.

На Конференцијата посветена на биоекономија базирана на знаење, што се одржа на 14 септември оваа година во Брисел, се разговараше за новата европска визија и плановите за дејствување во пресрет на 2020 година. Според Европскиот комесар за истражување и иновации, Маире Џохеган, Куин „вистинско време е да се промовира eвропска стратегија за развој на биоекономијата, која ќе има за цел зајакнување на европското лидерство во биолошките науки“.

Концептот „Европска биоекономија базирана на знаење“ беше промовиран во 2005 година од страна на Европската комисија и стана интегрален дел од Седмата рамковна програма. Други важни механизми во оваа област се: иницијативите на земјите-членки преку европските мрежи од областа на истражувањето (ERA-NET`s), десетте европски технолошки платформи за биоекономија и активностите на Постојаната комисија за координација на истражувањата во земјоделството (SKAR).

Европската комисија ќе започне процес на консултации кон крајот на оваа година. Стратегијата се планира да биде на дневниот ред на Советот на министри, во пролетта 2012 година.

Click