2010



Среда, 28 јули 2010 година

Европската унија ги започна пристапните преговори со Исланд 

Во Брисел, на 27 јули 2010 година, се одржа првата меѓувладина конференција за пристапување на Исланд во Европската унија, при што формално се отворија пристапните преговори. Белгиското претседателство со ЕУ ја предаде Европската рамка за преговорите каде се поставени принципите, содржината и постапките врз кои ќе се одвиваат преговорите со Исланд.

Пред да се започнат преговорите одделно по поглавјата помеѓу Исланд и земјите-членки на Унијата, ќе следи процес на проверка-скрининг, кој ќе овозможи длабинска анализа на европските правила и прописи со кои земјата ќе мора да се усогласи. Според проценките, процесот треба да се одвива од ноември годинава до средината на следната година. Потоа Европската комисија треба да изврши проценка колку државата ќе биде подготвена за членство во ЕУ. По завршувањето на скринингот, поглавјата одделно може да бидат отворени за преговори меѓу земјите-членки и Исланд.

Во рамките на Инструментот за претпристапна помош, Комисијата ќе продолжи да го поддржува процесот на пристапување на Исланд преку претпристапните фондови за да помогне во натамошното усогласување на законодавството со правото на ЕУ,  како и за обезбедување на објективни информации за ЕУ и европските политики. Покрај Хрватска и Турција, кои преговорите ги отворија во 2005 година, Исланд е трета земја со која ЕУ моментално преговара за пристапување.

Преговарачката рамка претставува суштинска референца - преглед на пристапните преговори со земјата-кандидат. Се неа се укажува на областите во кои се потребни посебни напори за исполнување на пристапните критериуми. Во случајот на Исланд тоа се земјоделството и руралниот развој, животната средина, риболовот, слободното движење на капиталот и финансиските услуги.

 

Click