2010



Четврток, 22 јули 2010 година

Европски интернет портал e-Justice

Европската унија на 16 јули го промовираше новиот интернет портал е-Justice, преку кој на електронски начин и од едно место се обезбедува пристап до правдата насекаде во Европската унија.

Првичната верзија на порталот содржи повеќе од 12.000 страници со информации од областа на правдата кои сега ќе им бидат достапни на повеќе од 10 милиони граѓани кои се вклучени секоја година во прекугранични судски постапки. Содржината на веб-локацијата е достапна на 22 официјални јазици на Унијата. Комисијата ќе биде одговорна за управување со порталот, ќе продолжи тесно да соработува со земјите-членки со цел збогатување на содржината и функционалноста на порталот.

Порталот е-Justice ќе биде корисен за граѓаните, претпријатијата, судиите, адвокатите и нотарите, во однос на правните прашања од прекуграничен карактер, ќе се зголеми заемното разбирање за различните правни системи и ќе се придонесе во креирањето на единствена област на правото.

Преку порталот, граѓаните можат да добијат одговори за начинот на кој функционираат правните системи во сите 27 земји-членки на ЕУ, брзи одговори поврзани со секојдневни случувања, како што се судски спорови, разводи, да најдат правен застапник во друга земја, да се информираат како да се избегнат високите судски трошоци по пат на медијација, каде се донесува пресуда за судски процес, применливоста на правото на земјите-членки во судски случаи, дали се квалификувани за добивање на правна помош. Адвокатите, нотарите и судиите може да имаат пристап до базите со правни податоци, да остварат контакти со соодветните колеги преку правната мрежа, да обезбедат информации за судски обуки и за прекугранични видеоконференции. Преку разни линкови од порталот, претпријатијата може да се информираат за регистрите за недвижности и за ликвидност, за постојните закони и за прекуграничните процедури.

Во ноември 2008 година беше усвоен Акционен план за Европска е-Justice 2009-2013, кој има за цел подобрување на пристапот до правдата. Развојот на информатичката и комуникациската технологија може да одигра клучна улога за подобрување на начинот на работата на судските системи, се олеснува секојдневната работа на практичарите на правото и се унапредува соработката меѓу правните органи.

https://e-justice.europa.eu

Click