2010



Четврток, 21 јануари 2010 година

Новата визија на Европската унија за биодиверзитет

Европската комисија на 19 јануари 2010 година претстави документ со кој се поставени визиите и идните цели на политиката на ЕУ за биодиверзитет за периодот после 2010 година, со што се одбележа започнувањето на Меѓународната година на биодиверзитет. Еврокомесарот за животна средина, г. Ставрос Димас, потенцирајќи ја важноста на прашањето за заштитата на биодиверзитетот, укажа на потребата за воведување на нова политика и стратегија за периодот после 2010 година.

Биодиверзитетот е огромна разновидност на живиот свет на земјата, природен потенцијал преку кој се обезбедува чист воздух и вода, храна, суровини, лекови, регулатор на климата и заштита од катастрофи. Биодиверзитетот на глобално ниво се намалува во алармантни размери и со катастрофални последици. Денес, загубите на биодиверзитетот заедно со ефектите од климатските промени, претставуваат најголема закана за животната средина со која се соочува човештвото.

Во 2001 година Европската унија постави цел да го запре уништувањето на биодиверзитетот во рамките на Унијата до 2010 година. Оттогаш, беа преземени напори за подобра имплементација на законите, како и дополнителни мерки за зајакнување, одржување и искористување на биодиверзитетот. Европската комисија во 2006 година го усвои Акциониот план на ЕУ за биодиверзитет со цел да се забрза напредокот во оваа област. Најголем успех претставуваше Натура 2000 – ЕУ мрежа на заштитени области, која сега покрива 17% од територијата на Унијата, со што се спречи уништувањето на животната средина. И покрај напорите, постојат јасни индикации дека Европската унија нема да успее да ја исполни поставената цел. Советот за животна средина на ЕУ на состанокот одржан во март 2009 повика на потребата за нова визија и цел за биодиверзитет за периодот после 2010 година, како придонес кон глобалната цел за биодиверзитетот што ќе се усвојува оваа година.

Комисијата ја претстави визијата на ЕУ до 2050 година како и четири различни опции за среднорочните цели што треба да се исполнат до 2020 година. Стратегијата за биодиверзитет на ЕУ ќе биде претставена кон крајот на годината. Зацртаната визија и поставените цели ќе бидат основа на ЕУ за градење на силна позиција за претстојните меѓународни преговори на темата  „Нова глобална визија за биодиверзитетот за периодот после 2010 година", што ќе се одржат оваа есен во Нагоја, Јапонија.

Click