2010



Среда, 13 октомври 2010

Нови упатства за усогласување на политиките на рударство и биодиверзитет

Европската комисија на 4 октомври објави нови упатства за појаснување на правилата кои се применуваат во индустријата за експлоатација на природни ресурси во заштитени природни подрачја. Со порастот на побарувачката на суровини во Унијата, пристапот до расположливо земјиште за експлоатација е прашање на кое му се посветува сè поголемо внимание. Економските импликации од оваа индустрија се мошне големи, во 2007 година во овој сектор биле вработени околу 290.000 луѓе.

Со новите упатства не се менуваат законите или ЕУ политиките, главната цел е да се задоволат потребите на индустријата, од една страна и да се избегнат негативните ефекти врз живиот свет и природата, од друга страна. Упатствата обезбедуваат правилно спроведување на европските директиви за птици и живеалишта. Објавените упатства се однесуваат на рударската неенергетска индустрија и потенцијалните влијанија на рударските активности врз природата и биодиверзитетот. Во нив се разгледуваат можностите како на најдобар начин да се намалат или целосно да се избегнат влијанијата, а се потенцира важноста од стратешкото планирање и соодветна проценка на подобрувањето.

Натура 2000 е централната точка на политиката за природа и биодиверзитет на Европската унија. Таа претставува еколошка мрежа на заштитени природни подрачја која сега покрива околу 18% од територијата на ЕУ, речиси 26.000 локации во 27 земји-членки. Натура 2000 е основана согласно Директивата за природни живеалишта од 1992 година. Мрежата претставува клучен инструмент за борба против загубата на биодиверзитетот, а нејзина цел е да обезбеди долгорочен опстанок на најскапоцените и најзагрозените видови и живеалишта во Европа. Натура 2000 претствува и флексибилен план кој овозможува одржливост на рударството без да се загрози интегритетот на мрежата.

Click