2010

Понеделник, 7 јуни 2010 година

Состанок на високо ниво за Западен Балкан

Во Сараево, на 2 јуни 2010 година, се одржа состанок на високо ниво за Западен Балкан, со што се одбележа десетгодишнина од Самитот во Загреб, кој понуди европска перспектива за Западен Балкан, претходно утврдена со Солунската агенда од 2003 година.

На состанокот беше истакнато дека влегувањето во сила на Лисабонскиот договор претставува нова фаза во процесот на европската изградба и обезбедува инструменти и средства за зајакнување на улогата на ЕУ како глобален учесник.

Европската унија ја потврди потребата за јасна и строга условеност, во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација и во согласност со обновениот консензус за проширувањето, одобрен од страна на Европскиот совет во декември 2006 година.

На состанокот, за земјите од регионот беше констатиран значаен напредок на полето на политичките и економските реформи, докажано со тековните пристапни преговори, подготовките на мислењата за апликациите за членство и воспоставување на мрежа на договори за стабилизација и асоцијација. 

Земјите од Западен Балкан мора да ги интензивираат напорите за да ги исполнат неопходните поставени критериуми и услови на патот за членство во ЕУ. Во оваа насока, Западен Балкан продолжува да се соочува со големи предизвици во однос на владеењето на правото, како што се административните и судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, прашања кои се клучни за функционирање на демократијата и економијата. Прашањата што се однесуваат на слободата на изразување и медиумите треба итно да се решат.

Формирањето на Советот за регионална соработка претставува значаен чекор напред. Потребно е да се подобри неговата ефикасност преку имплементирање на стратегија ориентирана кон резултати, со која ќе се утврдат јасни и приоритетни насоки на дејствување и основа за насочување на различните иницијативи од регионот. Консолидирањето и понатамошниот развој на ЦЕФТА е еден од стратешките приоритети.

Во однос на регионалната соработка, која придонесува за добрососедските односи и е клима погодна за адресирање на отворени билатерални прашања, учесниците на состанокот ги охрабрија засегнатите страни да вложат најдобри напори за решавање на отворените билатерални прашања, во европски дух. 

На состанокот беше поздравена намерата на ЕУ за проширување на визната либерализација за сите граѓани на Западен Балкан, откако ќе се исполнат сите услови за тоа.

Регионалната стратегија за обнова и развој треба да ги следи главните параметри на Стратегијата ЕУ 2020, базирана врз знаење и иновации, како и да ги земе предвид специфичните карактеристики на земјите од Западен Балкан. 

Членството во ЕУ на сите држави од Западен Балкан останува заедничка цел.  
Click