2010



Среда, 17 март 2010 година

Советот за животна средина на ЕУ усвои заклучоци за биодиверзитетот по 2010 година 

Биолошкиот диверзитет (разновидноста на екосистемите) насекаде низ светот се соочува со сериозна закана. Доколку се продолжи со тенденцијата на загуба на биодиверзитетот, се проценува дека на годишно ниво загубата на услугите од виталните природни екосистеми, ќе изнесуваат до 50 милиони евра,  додека до 2050 година загубите би можеле да изнесуваат и до 7% од БДП.

Со цел да се посвети поголемо внимание на ова прашање, Советот за животна средина на ЕУ, на состанокот одржан на 15 март 2010 година ја постави новата цел за спречување на загубите на биодиверзитетот во ЕУ до 2020 година. Советот ја дефинираше и својата визија за заштита на природните богатства до 2050 година.

И покрај досегашните вложени напори, претходните цели за биодиверзитет поставени како на европско така и на светско ниво, не беа исполнети. Според мислењата на експертите, повеќе од една третина на видовите се соочени со изчезнување, а околу 60 % од екосистемите на планетата се влошени во последните 50 години.

На состанокот министрите за животна средина истакнаа дека 2010 година како меѓународна година на биодиверзитетот и особено планираната сесија на високо ниво во Собранието на Обединетите нации за септември 2010,  претставуваат извонредна можност за мобилизирање на светот, за препознавање на предизвиците од глобалната криза на биодиверзитетот. Советот нагласи дека сесијата ќе обезбеди политички форум за давање на поддршка за подобрување на синергијата меѓу биолошката разновидност, што произлегува од мултилатералните договори за животната средина и Конвенциите од Рио.

Во меѓувреме се водат дискусии во врска со конвенцијата на Обединетите нации за биолошкиот диверзитет и истите може да завршат со заклучоци на Десеттата конференција на страните потписнички на Конвенцијата, што ќе се одржи во октомври 2010 во Нагоја, Јапонија.

Заедно со климатските промени, загубата на биодиверзитет претставува најкритична глобална закана за животната средина. Биодиверзитетот има огромно значење, преку услугите на екосистемите истиот обезбедува храна и вода, природна заштита од поплави, бури, и учествува во регулирањето на климата.

Click