2010



Вторник, 23 март 2010 година

Ставот на Советот на ЕУ за прехрамбените новитети

На 15 март 2010 Советот, во прво читање ја прифати нацрт регулативата за прехрамбените новитети, согласно политичкиот договор постигнат на 22 јуни 2009 година.

Главната цел на нацрт регулативата е да се стимулира развојот, пласман на безбедна и иновативна храна на ЕУ пазарот како и обезбедување на високо ниво на безбедност на храната, а со тоа и заштита на човековото здравје.

Во нацрт регулативата се вклучени следните одредби:

  • подобрена е процедурата на овластување, со преминување кон централизирана процедура на ниво на ЕУ. Според политичкиот договор на Советот, сите апликации за одобрување на новитетите кај храната мора да бидат поднесени до Комисијата, а потоа да се предадат на Европскиот Институт за безбедност на храната, заради проценка на можните ризици. Комисијата преку соодветна процедура ја донесува конечната одлука. Новата регулатива овозможува апликантите да побараат заштита на научни податоци за нова развиена и иновативна храна за период од пет години
  • се воведува забрзана процедура на овластување за традиционална храна од трети земји (храна добиена со примарно производство и која најмалку 25 години е дел од вообичаената исхрана на поголемиот дел од населението на третата земја). Во рок од шест месеци Европскиот Институт за безбедност на храната ќе треба да даде свое мислење. Комисијата во рок од три месеци ќе треба да ги поднесе предлозите за ажурирање на листата на традиционална храна.
  • Општата дефиниција на прехрамбените новитети останува непроменета, "храна која не се користи за консумирање до значителен степен во рамките на Заедницата, пред 15 мај 1997 година", кога постојната Регулатива бр. 258/97 стапи во сила.
  • се дефинира поимот "прехрамбени новитети" и опфатот на регулативата. Новата регулатива ќе се применува за храна произведена од животни добиени со технологија на клонирање. Советот на Европа ја повикува Комисијата да даде извештај за сите аспекти на храната добиена од клонирани животни и нивниот подмладок во текот на една година, откако регулативата ќе влезе во сила и да поднесе предлог за посебно законодавство од оваа област. Храната која содржи инженерски наноматеријали, исто така е вклучена во регулативата. 

Досега, повеќе од 30 прехрамбени новитети имаат одобрување за употреба во ЕУ (пр. видови на млеко и јогурт со додадени фитостеролови естери, коагулирани протеини на компир).  

Ставот на Советот ќе биде испратен до Европскиот парламент, на второ читање.

Click