2010



Петок, 11 јуни 2010 година

Стратегија за модернизација на стручното образование и обуката во Европа

Европската комисија на 9 јуни презентираше реформи за модернизација на стручното образование и обуката во Европа, со цел образованието да стане поатрактивно за младите и да се понуди повисок квалитет на образованието, како и можности за надградување на вештините на повозрасните луѓе.

Документот насловен како „Нов стимул за европска соработка во стручното образование и обуката за поддршка на Европската стратегија 2020“, Комисијата ја претстави визијата за модернизација на образованието за следните десет години. Се очекува европските министри да го прифатат документот до крајот на оваа година, во рамките на Копенхагенскиот процес кој стартуваше во 2002 година со цел да им помогне на државите да развиваат иновативни политики и акции. Копенхагенскиот процес се прегледува на секои две години, од страна на министрите од 31 држава, европските социјални партнери и Европската комисија, кои треба да се состанат во декември оваа година во Бриж, Белгија со цел да постават амбициозна агенда за модернизација за наредните десет години.

Усвоениот план предвидува неколку начини за подобрување на стручното образование и обуката:

  • пристапот до обуки и квалификации да биде флексибилен и достапен во сите фази од животот,
  • подобрување на мобилноста за да се олесни стекнувањето на искуство надвор од земјата, или од друг економски сектор,
  • обезбедување на поквалитетно образование и обука,
  • обезбедување на повеќе можности за луѓето, оние кои го напуштиле школувањето, слабо квалификувани, невработени,  емигранти, како и луѓе со посебни потреби и
  • креирање на иновативно и претприемничко размислување кај учениците.

Планот на комисијата е изграден врз основа на целите на Стратегијата Европа 2020, а исто така ќе биде поврзан и со иницијативата „Млади во движење“ која ќе се залага за поголеми можности за учење и мобилност на младите луѓе.

Подетални информации околу Стратегијата на следниот линк:
http://ec.europa.eu/education/vocational-education/doc/com296_en.pdf .

 

 






 

Click