Соопштенија

Вторник, 16 февруари 2010 година


Седми состанок на Мешовитиот комитет - Република Македонија и Европска унија

 
Врз основа на член 114 од Спогодбата за стаблизиција и асоцијација на Република Македонија со Европската унија, како и врз основа на Правило 6 од Деловникот за работа на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија, ќе се одржи Седмиот состанок на Комитетот на 18 и 19 февруари 2010 година во Кристалната сала на Собранието на Република Македонија.

             На состанокот ќе учествуваат пратениците од Делегацијата на Собранието на Република Македонија и европратеници во Делегацијата на Европскиот парламент во комитетот, а свои обраќања ќе имат и г. Васко Наумовски, вице-премиер задолжен за европски прашања, г. Антонио Милошоски, министер за надворешни работи на Република Македонија, г-ѓа Марија Анхелес Гарсија де Лара, прв заменик-шеф на Мисијата, Амбасада на Кралството Шпанија, во име на шпанското претседателство на Советот на Европска унија и г-ѓа Александра Кас Грање, директор на Генералниот директорат за проширување, во име на Европската комисија.

 Во рамки на состанокот, ќе бидат разгледани повеќе прашања во врска со односите на Република Македонија и Европската унија, состојбата во судството и функционирањето на јавната администрација, односите меѓу заедниците во Република Македонија, состојбата на полето на економијата и направените реформи од страна на Владата за преземање на обврските за членство во ЕУ, политиките во областа на животната средина и во транспортната инфраструктура, вклучувајќи ги и аспектите на прекуграничната соработка и управувањето со фондовите на ЕУ, со посебен осврт на Инструментот за претпристапна помош (ИПА). На крајот на овој состанок, како што е вообичаено, се очекува да бидат разгледани и усвоени Заеднички препораки.

  Во текот на вториот ден од состанокот, најавено е обраќање на г. Штефан Фуле, комесар на Европската комисија за проширување и политика на соседство, кој веднаш по преземањето на неговата должност остварува прва официјална посета токму на Република Македонија.

Click