ЕУ вести

Сабота, 26 ноември 2011 година

Економската криза - најголема закана за безбедноста на граѓаните на ЕУ

Анкетата на прашањето „Што е најголема закана за безбедноста на граѓаните на ЕУ?“, покажа дека во најголема мера тоа е економската криза. 34% од европските граѓани сметаат дека економската и финансиската криза што ја зафати не само Европа, туку и светот, претставува најголема закана по нивното безбедно живеење.

Само еден процент помалку Европејци, односно 33 насто, како одговор на анкетата го посочиле тероризмот, а 21% од нив најмногу ги загрижува организираниот криминал на Стариот континент.

Најголема загриженост од последиците на економската криза покажале Ирците, дури 61%, па следуваат Шпанците со 57% и Грците со еден процент помалку. Нешто помалку граѓани на Италија и Португалија се одлучиле за истиот одговор, 44%, односно 41% од нив.

За разлика од овие земји, испитаниците од Германија и Франција немаат голем страв од глобалната криза, со оглед на тоа што 28, односно 15% од нив, се одлучиле за овој одговор на анкетата.

Во анкетата, која била спроведена во сите 27 земји-членки на Европската унија на барање на Европската комисија, зеле учество 26.840 граѓани постари од 15 години.
Click