ЕУ вести



Четврток, 1 декември 2011 година

„Зелено светло“ за членство на Хрватска во ЕУ

Европскиот парламент, со 564 гласа „за“, 38 „против“ и 32 „воздржани“, го изгласа договорот за членство на Хрватска во Европската унија, за време на вториот ден од пленарната седница во Брисел.

Следниот чекор е Советот на ЕУ на состанокот на 5 декември формално да го потврди влезот на Хрватска во европското семејство, а на 9 декември предвидено е потпишувањето на договорот, непосредно пред Самитот на Европскиот совет, кој тогаш првпат ќе заседава со 28 земји, вклучувајќи ја Хрватска со статус на набљудувач. На овој начин Хрватска може на 1 јули 2013 година да стане 28. земја-членка на ЕУ, а хрватскиот јазик – 24. службен јазик во ЕУ.

Освен овој пристапен договор, европратениците изгласаа и пропратна необврзувачка резолуција, во која ги повикаа Хрватите на референдум да го изгласаат пристапниот договор за ЕУ, земјите-членки што поскоро да го довршат процесот на ратификација, а официјален Загреб да продолжи со реформите.

Покрај ова, во Брисел беше изгласан и новиот кодекс за однесување на членовите на Европарламентот, кој ги определува правилата и принципите на кои треба да се придржуваат европските пратеници, со цел да се избегне судир на интереси.

Исто така, европратениците гласаа и за Буџетот за 2012 година и за приоритетните области кој тој ги опфаќа, а на дневен ред се најде и глобалната економска и финансиска криза, која сè уште тлее во Европа.

 


 

Click