2011



Вторник, 19 април 2011 година

ДВАНАЕСЕТ МЕРКИ ЗА ЕДИНСТВЕНИОТ ПАЗАР ВО 2012 ГОДИНА

Европската комисија на 13 април оваа година презентираше конечна верзија за актот за Единствениот пазар со листа на приоритетни иницијативи во клучни области со цел ослободување на потенцијалот за економски раст, обновување на довербата на граѓаните и бизнис заедницата кон придонесите од Единствениот пазар. Ова претставува клучен столб во рамките на Стратегијата Европа 2020.

Единствениот пазар на ЕУ е заедничка област помеѓу 27 земји-членки каде стоките, услугите, капиталот и луѓето можат слободно да се движат, обезбедува европските граѓани слободно да живеат, работат, учат и да водат бизнис каде што сакаат во Унијата. Единствениот пазар е суштината на соработката меѓу земјите-членки на ЕУ. Како едно од најголемите достигнувања на ЕУ, Единствениот пазар во периодот1992-2009 помогнал да се создадат дополнителни 2.750.000 работни места, генерирал дополнителен раст на европската економија од 2,15%, го потврдил капацитетот за поддршка на конкурентноста на претпријатијата (особено малите и средните претпријатија), истовремено понудил и значајни предности за европските граѓани.

Ефектите од финансиската криза сè уште имаат одраз врз Европа. Околу 10% од активното население на ЕУ е невработено и е важно да се искористат сите можни потенцијали на Единствениот пазар заради обезбедување на економски развој и вработување на населението.

Во комуникацијата на актот за Единствениот пазар се поставени 12 клучни мерки за зајакнување на растот, конкурентноста и подобрување на довербата на граѓаните:

  • воведување на законодавство за подобрување на пристапот до финансии за повеќе од 20 милиони мали и средни претпријатија во ЕУ;
  • модернизација на законодавството со цел олеснување на мобилноста на граѓаните;
  • поддршка на истражувањето и иновациите преку воведување на унитарна заштита на патенти и унифициран патентен систем;
  • олеснување на алтернативното решавање на спорови на Eдинствениот пазар како помош во релациите меѓу потрошувачите и бизнисите;
  • подобрување на транспортната и енергетската инфраструктура преку воведување на законодавство;
  • зголемување на слободното движење на услуги преку дефинирање на стандардите за услуги нa европско ниво;
  • развивање на дигитален единствен пазар;
  • олеснување на социјалното претприемништво;
  • обезбедување на усогласени даночни постапки за различни видови на енергија;
  • подобрување на социјалната кохезија;
  • поедноставување на сметководствените правила заради подобрување на деловно опкружување и
  • модернизација на законодавството за јавните набавки.

Приоритетните мерки се очекува да се применат до крајот на 2012 година, со што би се обележала и 20-годишнината од европскиот Единствен пазар.

Посебен дел во документот е посветен на управувањето со Единствениот пазар, фокусиран на дијалогот со граѓанското општество, партнерски пристап со сите учесници на пазарот, подобро информирање на граѓаните и бизнис секторот и подобра имплементација на правилата за Единствениот пазар.

Конечната работна програма за актот за Единствениот пазар е резултат на придонесот на Европскиот парламент, Советот на ЕУ, Европскиот комитет за социјални и економски прашања и Комитетот на региони, јавните дебати, како и анализата од четиримесечните консултации и повеќе од 800 одговори од засегнати страни - граѓани, трговски здруженија, индустриски федерации, невладини организации, здруженија на потрошувачи.

Повеќе информации на следниот линк:
http://ec.europa.eu/internal_market/smact/index_en.htm

Click