2011



Петок, 25 февруари 2011

КОХЕЗИОНА ПОЛИТИКА - ГЛАВЕН ДВИГАТЕЛ НА РАСТОТ И КОНКУРЕНТНОСТА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Советот на Европската унија усвои заклучоци во врска со Извештајот на Европската комисија во однос на економската, социјалната и територијалната кохезија во ЕУ, презентиран во ноември минатата година.

Во заклучоците на Советот, се потенцира потребата за постојано остварување на целта за намалување на разликите помеѓу степенот на развој на различни региони на ЕУ и се нагласува придонесот на кохезионата политика во однос на конкурентноста на ЕУ и целите за раст. Исто така, се нагласува дека кохезионата политика треба да се фокусира на ограничен број на приоритети во согласност со Стратегијата на ЕУ 2020 и одржување на доволна флексибилност за овозможување на регионалните потреби.

Во заклучоците, Советот повикува на натамошна дискусија за следните предлози на Комисијата:

  • создавање на „партнерски договор за развој и инвестирање“ што дава насоки за стратегија за инвестирање и развој за адресирање на приоритетите за работни места и раст, утврдени со Стратегијата на ЕУ 2020;
  • листа на приоритети на кои треба да се фокусираат националните и ресурсите на ЕУ;
  • механизми на условеност и поттикнување поврзани со кохезионата политика.

Европската комисија треба да поднесува извештај до Советот на секои три години, со цел да се оцени постигнатиот напредок во економската, социјалната и територијалната кохезија. Во петтиот извештај на ЕК поставени се идеите за реформа на кохезионата политика како резултат на дебатата започната со четвртиот извештај во 2007 година.

Постојните правила за кохезионата политика имаат рок на важење до 2013 година. Коментарите од дебатата на Советот на ЕУ ќе придонесат во подготвувањето на пакетот на законодавство за структурните фондови по 2013 година од Комисијата.

Во рамките на кохезионата политика, ЕУ кофинансира инфраструктурни проекти, го развива информатичкото општество и им помага на граѓаните да стекнат нови вештини. Целта е да се помогне во развојот на посиромашните региони, подобрување на можностите за вработување на луѓето и да се унапреди одржливиот економски развој насекаде во Унијата.

Click