2011



Петок, 18 февруари 2011 година

Планови на Еу за заштита на децата и почитување на нивните права во Европа и пошироко

Со правото на Европската унија, загарантирани се правата на децата. Со Повелбата за фундаменталните права, Унијата и нејзините земји-членки правно се обврзани да ги почитуваат правата на децата. Исто така, со Договорот од Лисабон, ЕУ ја промовира заштитата на правата на децата. Сите 27 земји-членки ја имаат ратификувано Конвенцијата на ОН за правата на децата. Европската стратегија 2020 ја поставува визијата за 21. век на Европа - подобро образование на децата и пристап до услугите.

Европската комисија, на 17 февруари оваа година, презентираше агенда за зајакнување на правата на децата преку принципите содржани во Повелбата на ЕУ за фундаменталните права, со цел да се реафирмира цврстата определба на сите ЕУ институции, земјите-членки, за унапредување и заштита на правата на децата. Во иднина, сите релевантни политики на ЕУ кои имаат директно или индиректно влијание врз децата, треба да бидат креирани и применети согласно принципот за најдобар интерес на децата.

Согласно одговорноста за заштита на правата на децата, Комисијата предлага повеќе мерки во насока на измени на законодавството, како и за поддршка на надлежните органи на земјите-членки на ЕУ:

  • законодавство за подобра заштита на децата (особено на ранливите групи) во правни и судски постапки;
  • ново законодавство со кое ќе се обезбеди дека одлуките за родителска одговорност при развод се признаваат и спроведуваат целосно во земјите на ЕУ;
  • нова постапка за промовирање на насоките на Советот на Европа во однос на детската правда;
  • поддршка за обука на судии;
  • подобра обука на органите надлежни за деца без придружба, вклучително и оние што бараат азил во ЕУ;
  • посебно внимание за децата во претстојниот план на ЕУ за помош на интеграцијата на Ромите во општеството;
  • поддршка за брзо воведување на посебна ЕУ телефонска линија за исчезнати деца;
  • мерки за борба против штетни содржини и други ризици на интернет;
  • поддршка во борбата против насилство врз децата и заштита на жртвите од воени конфликти преку европските програми за хуманитарна помош и
  • креирање на единствена ЕУ веб-страница посветена на правата на децата.

 

Click