2011



Среда, 20 април 2011

ПРЕДЛОЗИ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА ЕДИНСТВЕНА ЗАШТИТА НА ПАТЕНТИ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Европската комисија на 13 април презентираше предлози за унифицирање на патентите во ЕУ, според кои пронаоѓачите на патенти: индивидуалци, компании или институции, ќе може да ги заштитат сопствените патенти во 25 земји членки со поднесување на само една апликација. По одобрувањето, патентот нема да има потреба да се заверува во секоја земја одделно. Апликациите за патент може да бидат поднесени на било кој од официјалните јазици на ЕУ. Сепак, врз основа на јазичниот режим на Европската канцеларија за патенти (ЕПО), апликациите и понатаму ќе бидат разгледувани и одобрувани на англиски, француски или германски јазик. Барањето за патент со кое се дефинира областа на заштита ќе треба да се преведе на останатите два официјални јазици на ЕПО.

Актуелниот систем на заштита на патенти создава потешкотии во Внатрешниот пазар на Унијата и кај корисниците поради високите трошоци и административните процедури. Според постојните правила, патентите се полноважни само во пет земји членки на Унијата.

За предлозите на Комисијата за унифицирана заштита на патенти повеќе од една деценија биле водени дискусии. Во јуни 2010 година, Комисијата направи обид за надминување на потешкотиите околу јазичните правила, со поднесување на Предлог за јазични барања на ЕУ за патентирање (IP/10/870), но на Советот на министри на ЕУ не се успеа да се постигне едногласен договор. Сепак, 25 земји членки на ЕУ одлучиле да се најде решение за ова прашање, а засега Италија и Шпанија не учествуваат.

Со единствените правила за патентирање ќе се поедностави сегашниот систем, ќе се намалат трошоците за преведување, ќе се стимулира истражувањето, развојот и инвестирањето во иновации со што би се зајакнал економскиот развој на ЕУ.

Предлозите на Комисијата се доставени до Советот и Европскиот парламент, за усвојување. За да се усвојат предлозите за единствена заштита на патенти потребно е квалификувано мнозинство од 25 земји членки и мора да се гласа во Европскиот парламент (со вообичаена законодавна процедура).

Повеќе информации на следниот линк:
http://ec.europa.eu/internal_market/indprop/patent/index_en.htm

Click