2011



Четврток, 24 февруари 2011 година

Регулатива за Европската граѓанска иницијатива

Советот на Европската унија и Европскиот парламент дадоа „зелено светло“ на Европската граѓанска иницијатива, една од поважните новини во Лисабонскиот договор. На официјалната церемонија што се одржа на 16 февруари 2011 година во Стразбур, министерот за надворешни работи на Унгарија, г.Јанош Maртониј и претседателот на Европскиот парламент, г.Јержи Бузек, ја потпишаa Регулативата за Европската граѓанска иницијатива.

За прв пат граѓаните на ЕУ можат да достават директни предлози за законодавството на ЕУ. Според членот 11 од Лисабонскиот договор „најмалку еден милион граѓани кои се државјани на значителен број земји-членки може да преземат иницијатива и да ја повикаат Европската комисија, во рамките на нeјзините надлежности, да достави соодветен предлог за прашања за кои граѓаните сметаат дека е потребен правен акт на Унијата за целта на спроведување на Договорите".

Ова претставува значајна одредба во законодавството на ЕУ преку која може да се покренат одредени прашања за измена на прописите за вработување во странство, меѓусебно признавање на дипломи и сертификати, да се поедностават процедурите  или отстранат постојните пречки во прекуграничните активности на претпријатијата, усогласување на прописите од областа на животната средина. Прашањата од национална надлежност, како што се голем број на даночни или национални правила за социјална помош, не можат да бидат изменети само преку Европската граѓанска иницијатива.

Со Регулативата се утврдуваат појасни критериуми за Граѓанската иницијатива, која претставува резултат на постигнатиот компромис во декември минатата година меѓу трите главни институции на ЕУ: Советот на ЕУ, Европскиот парламент и Комисијата.

По влегувањето во сила на Регулативата за Граѓанска иницијатива, земјите-членки, во период од една година, треба да ги прилагодат националните прописи, а собирањето на потписи за иницијатива на граѓани на ЕУ ќе може да започне најрано од март 2012 година.

Click