ЕУ вести

Четврток, 17 мај 2012 година

Меѓународен ден против хомофобија

Денеска, на 17 мај, се одбележува Меѓународниот ден против хомофобијата, годинава на тема: „Борба против хомофобијата и трансфобијата во и преку образованието“.

Во оваа област Европскиот парламент е исклучително активен, па и оваа година Групата за правата на хомосексуалците, лезбејките, бисексуалците и трансексуалците продуцираше видео во кое европратениците и комесарите заедно порачуваат дека во иднина работите ќе се променат.

Претседателот на Европарламентот, г. Мартин Шулц, ја поздрави овогодинешната тема, притоа нагласувајќи дека насилството врз овие лица, посебно во младоста, може да остави длабока траума и затоа мора да се продолжи со борбата како би се постигнал поголем напредок.

Овој ден претставува можност да се потврди важноста на борбата против кршењето на човековите права на основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Денот на борбата против хомофобијата иако се слави во повеќе од 90 земји во светот и службено е признат и од Европската унија, сепак, во околу 80 држави хомосексуалноста се казнува со лишување од слобода, а во 7 од нив дури и со смртна пресуда.

17 мај е избран како ден против хомофобијата поради тоа што на овој ден во 1990 година Светската здравствена организација ја исклучува хомосексуалноста како психијатриска болест од списокот на Меѓународната класификација на болести.
Click