Соопштенија

Среда, 7 октомври 2015 година

Пратеникот Јамин Синани на Регионална конференција во Букурешт

Во заедничка организација на Парламентарното собрание на Медитеранот, Европската унија, ОН и Парламентот на Романија на 8 и 9 октомври 2015 г. во Букурешт, Романија ќе се одржи Регионална работилница на тема: „Предизвиците од превентивниот кривично-правен одговор на тероризмот и странските воени платеници".

Овој настан се организира во рамките на заедничката иницијатива силно поддржана од Европската унија во согласност со Резолуцијата на СБ на ОН 2170(2014) и 2178(2014) за користење на сите можни правни средства во борбата против тероризмот, регрутирањето на странски воени платеници и интернет кампањата за извршување на овие активности.

На овој настан од Собранието на Република Македонија ќе учествува пратеникот, г. Јамин Синани, заменик-член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на Медитеранот.

На настанот се очекува учество на бројни парламентарци, експерти од областа и други поканети компетентни личности кои ќе дадат свој придонес во рамките на Заедничката иницијатива на ОН (UNODC), финансирана од Европската унија, а во насока на зајакнување на правниот режим против странските воени платеници кои делуваат во регионот на Блискиот Исток, а се регрутираат од Југоисточна Европа и Африка.

Иницијативата има за цел да покрене комплексни и меѓусебно поврзани предизвици поставени на страната на кривичната правда, вклучувајќи ја и борбата против насилниот екстремизам, поттикнувањето да се приклучат на терористички групи, регрутирање и обука на платениците, односно терористите, како и употребата на Интернет за терористички цели. Тоа, исто така, има за цел да ги поддржи земјите-членки на ПС на Медитеранот да ги исполнат барањата поставени со резолуциите на СБ на ОН 2170(2014) и 2178(2014), како и релевантните резолуции на Парламентарното собрание на Медитеранот. 

Во рамките на Работилницата, се очекува од наша страна да бидат презентирани искуствата на Република Македонија во оваа област и улогата на пратениците и на Собранието на Република Македонија во оваа проблематика, а кои кореспондираат со актуелноста на темата, имаат содржина и вредност кои може да претставуваат основа и репер за сите држави кои се соочуваат со овој мошне актуелен и загрижувачки феномен на регрутирање странски воени платеници и опасноста од терористички напади по враќањето во матичните земји.   

Click