Соопштенија

Четврток, 15 октомври 2015 година

Пратеникот Талат Џафери на конференција во Сараево

Во заедничка организација на Европскиот парламент, Регионалниот совет за соработка (RCC) и Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, на 15 и 16 октомври 2015 год., во Сараево, БиХ, се одржува Парламентарна конференција на тема: „Економско управување и креирање на работни места во Европската унија и во земјите на проширувањето".

Од Собранието на Република Македонија на оваа Конференција ќе учествува пратеникот Талат Џафери, член на Комисијата за финансирање и буџет.

На Конференцијата, која ќе се одвива во две работни сесии, учество ќе земат еминентни европарламентарци кои работат во комисиите на Европскиот парламент за економски и социјални прашања, експерти од областа, претставници од парламентите на земјите од Западен Балкан и Република Турција. Конференцијата има за цел да поттикне поширока дебата меѓу европарламентарците и парламентарците од националните парламенти за прашањата на структурните општествени реформи за привлекување странски директни инвестиции, предизвиците за креирање нови работни места, како и за улогата на парламентите во забрзувањето на реформите и приближување кон стандардите на Европската унија.

Се очекува висок степен на учество на парламентарци од поканетите национални парламенти, обраќање од Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, како и обраќања од реномирани европарламентарци, експерти и други афирмирани учесници кои ќе дадат свои видувања и придонес кон дебатата.  

Click