Соопштенија

Вторник, 3 март 2015 година

Собраниска делегација во Брисел по повод Меѓународниот ден на жената

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената - 8 март, Европскиот парламент и оваа година ја продолжува традицијата на организирање на специјални настани за негово пригодно одбележување. Во таа насока, Комисијата во Европскиот парламент за правата на жените и родовата еднаквост организира два настани - Интерпарламентарен состанок на тема: „Зајакнување на положбата на жените и девојките преку образованието“ и Интерпарламентарна конференција посветена на „Политичкото учество на жените во земјите од Западен Балкан и Турција", што ќе се одржат на 4 и 5 март 2015 година во Брисел, Кралството Белгија. 

Од Собранието на Република Македонија на овој настан ќе учествуваат пратениците: г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; г-ѓа Лилјана Кузмановска, заменик-претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; г-ѓа Шпреса Хадри, член на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и г-ѓа Солза Грчева, член на Комисијата за европски прашања.

Свое пригодно обраќање на Конференцијата, покрај неколку потпретседатели на Европскиот парламент, претседателот и потпретседателот на Комисијата на Европскиот парламент за правата на жените и родовата еднаквост, ќе има и г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. 

На Интерпарламентариот состанок од Европската комисија најавено е учеството на еврокомесарот за правда, потрошувачка и родова еднаквост, г-ѓа Вера Јурова.

Овие настани имаат за цел да поттикнат поширока дебата меѓу европарламентарците и парламентарците од националните парламенти на земјите од Западен Балкан и Турција за овие прашања, за кои иако изминативе години е постигнат голем напредок, сепак и понатаму претстои долг пат за натамошно унапредување на правата на жените и родовата еднаквост. 

Се очекува висок степен на учество на парламентарци од поканетите национални парламенти, како и обраќања од реномирани европарламентарци, експерти и други афирмирани учесници кои имаат особен придонес во оваа област. 

Click