Соопштенија

Понеделник, 20 април 2015 година

Учество на пролетна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Во Стразбур, Франција, од 20 до 24 април 2015 година, се одржува редовната пролетна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествува Делегација на Собранието на Република Македонија во состав Александар Николоски, шеф на Делегацијата и Имер Алиу, заменик-член на Делегацијата.

Меѓу главните теми на дискусија ќе бидат масовниот надзор, потребата да се почитуваат човековите права и меѓународното право во врска со употребата на беспилотни летала  и целните убиства.

Пратениците ќе дебатираат и за хуманитарните последици од активностите на терористичката група позната како „Исламска држава" и дискриминацијата врз трансродовите луѓе во Европа, потоа законодавството и праксата кои се однесуваат на одземање на децата од нивните семејства во земјите-членки, а ќе се разгледува и пост-мониторинг дијалогот со Монако.

Во текот на сесијата ќе се одржи трибина за политичката и безбедносната ситуација во Украина и нејзините последици, а Собранието ќе ги преиспита и санкциите во однос на Руската делегација на која на јануарската сесија ѝ беа одземени правата и привилегиите, како јасен израз на осудата на продолжување на повредите на меѓународното право. 

Неговото Височество Кралот на Белгијците ќе се обрати пред пратениците на Парламентарното собрание, а свое обраќање ќе имаат и Дидие Рејндерс, министерот за надворешни работи и европски прашања на Белгија, кој ќе ги презентира приоритетите на Комитетот на министри во рамките на Белгиското претседателство, како и Нилс Муижниекс, комесарот за човекови права на Советот на Европа, кој ќе го претстави својот Годишен извештај на активности за 2014 година.

Во текот на 2015 година, по принципот на ротација на Република Македонија ѝ припаѓа едно од потпретседателските места во Парламентарното собрание, а според распоредот на априлската сесија се очекува шефот на Македонската делегација,  Александар Николоски да ја има честа да претседава со најстарата меѓународна организација во Европа.

За време на сесијата Александар Николоски, во својство на шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, ќе оствари низа билатерални средби и разговори со голем број пратеници од европските земји. 


Click