Соопштенија

Понеделник, 6 јули 2015 година

Учество на Собраниска делегација на Годишна сесија на ПС на ОБСЕ

Пратениците Владимир Ѓорчев и Беким Фазлиу, членови на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествуваат на 24. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 5 до 9 јули 2015 година во Хелсинки, Република Финска. Главна тема за дискусија на сесијата е: „Потсетување на духот на Хелсинки“, повикувајќи се на основачкиот документ на ОБСЕ, Хелсиншкиот завршен акт, кој беше потпишан пред 40 години во главниот град на Финска. На сесијата се очекува учество на околу 300 пратеници од земјите учеснички и партнерите за соработка на ОБСЕ.

Во рамките на годишната сесија ќе се одржат седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања, седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на ОБСЕ, пленарна седница и други придружни настани. Во дневниот ред се вклучени прашања во врска со состојбата во Украина, кризата со мигрантите и бегалците во Медитеранот, контролата на вооружувањето, климатските промени, малцинските права и сл. На сесијата ќе бидат презентирани и резултатите од „Проектот Хелсински+40“, спроведен од страна на ПС на ОБСЕ, со цел за генерирање на идеи за реформа на ОБСЕ, во очи на одбележувањето на 40. годишнината на Организацијата. 

Пред пратениците ќе се обратат: г. Саули Ниинисто, претседател на Република Финска, г. Тимо Соини, министер за надворешни работи на Република Финска, г. Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Република Србија и претседавач со ОБСЕ, г. Илка Канерва, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ и др. Се очекува на сесијата да биде усвоена „Декларација од Хелсинки“, со препораки за широк спектар на прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права, упатени до ОБСЕ и земјите учеснички.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Click