ЕУ вести

Среда, 6 февруари 2019 година

Потпишан Протоколот за пристапување во НАТО

Во седиштето на НАТО во Брисел, денеска, беше потпишан Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во Алијансата. Протоколот го потпишаа постојаните претставници на 29-те членки на НАТО и министерот за надворешни работи на нашата земја, Никола Димитров.

Следен чекор е ратификација на Протоколот во Парламентите на сите 29 земји членки на оваа меѓународнa безбедносна организација, со што земјата ќе стане нејзина рамноправна членка.

„Потпишувањето на Преспанскиот договор беше првиот чекор од патот што не доведе до овде. Тоа не беше лесен пат, но стигнавме тука со посветеност на демократските вредности и реформи за изградба на силни институции. Ве чекавме да се приклучите на нашата фамилија долго време. Ова е историски ден. Од денеска вашите претставници ќе ни се придружат на оваа маса. Ќе носиме одлуки заедно“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по церемонијата на потпишување.

Притоа, тој упати честика до Скопје и Атина за посветеноста и храброста во постигнувањето договор за прашањето за името.

 

Click