Соопштенија

Четврток, 10 октомври 2019 година

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во Интерпарламентарната унија

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија ќе учествува на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што ќе се одржи од 13 до 17 октомври 2019 година во Белград, Република Србија. Делегацијата ја сочинуваат: Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија и шеф на Делегацијата, Диме Велковски, Јован Митрески, Димитар Стевананџија, Агим Шаќири и Јулиана Николова, членови на Делегацијата и Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието на Република Северна Македонија.

Се очекува на ова Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1.700 претставници од над 140 земји членки на Унијата, како и повеќе од 70 претседатели на парламенти.

Главна тема за дискусија на 141. Собрание на ИПУ е „Зајакнување на меѓународното право: парламентарни улоги и механизми и придонесот за регионална соработка“. Комисиите на ИПУ ќе дискутираат за бројни прашања од нивната надлежност, меѓу кои: парламентарни стратегии за зајакнување на мирот и безбедноста во пресрет на предизвиците и конфликтите што произлегуваат од климатските катастрофи и нивните последици; актуелизирање на дигитализацијата и циркуларната економија за постигнување на Целите за одржлив развој, одговорна потрошувачка и производство; постигнување на универзално здравствено покривање до 2030 година - улогата на парламентите за гарантирање на правото на здравје; криминализација на перењето на пари; унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на моќта на младите и сл.

Во рамките на 141. Собрание ќе биде одбележана 130-годишнината од формирањето на Интерпарламентарната унија и 70-годишнината од Женевските конвенции. Седници ќе одржат „Форумот на жени парламентарки“, „Форумот на млади парламентарци“ и „Здружението на генерални секретари на парламенти“, а предвидени се и бројни билатерални средби на членовите на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија.

Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите. Основана е пред 130 години како прва мултилатерална политичка организација во светот, со цел за поттикнување на соработката и дијалогот меѓу нациите. Во организацијата денес членуваат 179 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. ИПУ ја промовира демократијата и им помага на парламентите да станат посилни, порепрезентативни и родово балансирани. Собранијата на ИПУ се одржуваат двапати годишно, обезбедувајќи на тој начин парламентарна димензија на глобалното управување, вклучително и на работата на Обединетите нации и спроведувањето на Агендата за одржлив развој 2030 година.

Click