Соопштенија

Петок, 5 април 2019 година

Собраниска делегација на 140. Собрание на ИПУ

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија ќе учествува на 140. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што ќе се одржи од 6 до 10 април 2019 година во Доха, Катар. Делегацијата ја сочинуваат: Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија и шеф на Делегацијата, Диме Велковски, Димитар Стевананџија, Ејуп Алими, Африм Гаши и Јулиана Николова, членови на Делегацијата, и Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието на Република Северна Македонија.

Се очекува на ова Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1.600 претставници од над 160 земји членки на Унијата, како и повеќе од 80 претседатели на парламенти. Главна тема за дискусија на 140. Собрание на ИПУ е „Парламентите како платформи за подобрување на образованието за мир, безбедност и владеење на правото“.

Комисиите на ИПУ ќе дискутираат за бројни прашања од нивната надлежност, меѓу кои: недопустливоста за користење на платеници како средство за поткопување на мирот и кршење на човековите права; улогата на правичната и слободна трговија и инвестициите во реализацијата на Целите за одржлив развој (ЦОР), особено во полето на економската еднаквост и одржливата инфраструктура, индустријализација и иновација; постигнување на  универзално здравствено покривање до 2030 година - улогата на парламетите за гарантирање на правото на здравје; парламетарно следење на ЦОР и сл.

Во рамките на 140. Собрание, ќе се одржат и седници на „Форумот на жени парламентарки“, „Форумот на млади парламентарци“ и „Здружението на генерални секретари на парламенти“.

Интерпарламентарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација, во која членуваат 178 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.

Click