Соопштенија

Понеделник, 8 април 2019 година

Собраниска делегација на сесија на ПС на СЕ во Стразбур

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното Собрание на Советот на Европа, предводена од шефот на делегацијата Бетиане Китев, а во чиј состав се и пратениците Шпреса Хадри и Антонијо Милошоски, ќе учествуваат на Вториот дел од редовната сесија на ПС на СЕ што се оддржува од 8 до 12 април во Стразбур, Република Франција.

Се очекува на сесијата да се обратат премиерите на Ерменија и Грузија. Собранието ќе има заедничка дебата за запирање на говорот и делата на омраза во спортот, за улогата на политичарите во борбата против говорот на омразата како и за зајакнување на соработката со ОН и имплементација на Одржливите развојни цели.

Има и барање за итна дебата во однос на буџетската криза на Советот на Европа.

Ќе се дискутира и за промовирање на парламентите слободни од сексизам и сексуално вознемирување, импликациите врз човековите права од социјалните медиуми и друго.

Собранието, исто така, ќе дебатира за т.н. „Ландромати“ и новите предизвици во борбата против организираниот криминал и перењето на пари и ќе заземе став во врска со креирање на нов механизам за демократија, владеењето на правото и основните човекови права.

Комисионерот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, ќе го презентира нејзиниот годишен извештај на активности за 2018 година и ќе одговори на поставени прашања. Ќе има и вообичаена размена на мислења и ставови со сегашниот претседател на Комитетот на министри на СЕ, финскиот министер за надворешни работи, Тимо Соини и време за прашања со генералниот секретар на СЕ, Торбјорн Јагланд.