Средби пратеници

Четврток, 21 февруари 2019 година 

Груби - Тимоние: На земјата и е потребен претседател на сите

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Артан Груби,  имаше средба со амбасадорот на Република Франција во Северна Македонија г. Кристијан Тимоние.

На средбата, Груби, заблагодарувајќи се за досегашната француска поддршка за  нашите евроинтегративни процеси, истакна дека земјата одлучно чекори  кон зачленување  во евроатлантските структури по успешно завршените задачи  во однос на усвоените уставни амандмани, со кои се имплементираше Преспанскиот договор, како и по ратификувањето на  Договорот за добрососедство со Бугарија.  

Ратификувањето на  Преспанскиот договор од страна на Грција, како и на Протоколот за членство во НАТО, е позитивен  исчекор, со кој се надмина долгогодишната  блокада  од нејзина страна. Со тоа Република Северна Македонија веќе нема отворени политички прашања и  претставува успешен пример за промоција на демократските и западните вредности во регионот.   

Информира дека земјата работи на реализација на  реформите во владеењето на правото, како приоритетни за добивање датум за почеток на преговори. 

Груби побара Франција и останатите земји ЕУ членки да ги валоризираат овие наши резултати и  да поддржат добивање на датум за почеток на преговори  за ЕУ членство.

Исто така, тој зборуваше и за претседателските избори во земјава, како и за преговорите помеѓу СДСМ и ДУИ, но и за актуелните случувања во земјава. На земјата и е потребен кандидат кој што ги обединува сите граѓани, сите заедници, и го бара гласот на сите, а не моноетнички партиски кандидат.

Амбасадорот Тимоние ги поздрави позитивните процеси во земјата како важен чекор на патот кон ЕУ и НАТО и ја пренесе подготвеноста  на Франција за понатамошна соработка и помош во евроинтегративните процеси. Информира и за работната  посета на  г-ѓа Натали  Лоазо,  министер  за европски прашања при Министерството за Европа и за надворешни работи на Република Франција, во  Република Северна Македонија, следната недела.