Hidden render

Вторник, 23 јули 2019 година

Средба на пратеникот Рамчиловиќ со Ирфан Ченгиќ, пратеник од Босна и Херцеговина

Денеска, во Собранието на Република Северна Македонија, пратеникот Зеќир Рамчиловиќ оствари работна средба со Ирфан Ченгиќ, пратеник од Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, каде што разговараше на повеќе актуелни политички и социјални теми. 

Во рамки на денешната средба стана збор за почитувањето и унапредувањето на основните човекови права, како и за продлабочување и интензивирање на соработката помеѓу Парламентите на двете држави. Исто така, беа разменети мислења и беше констатирано дека е потребно да се подобри положбата на Бошњаците во Република  Северна Македонија, во делот на образованието и културата, како и изнаоѓање на начини за поголема нивна поддршка во литаратурата преку директна помош во книги. На средбата беше разговарано и за престојниот попис на населението кој е од исклучително значење за бошњачката заедница во Македонија, како и за изборниот законик и загарантираните места за помалкубројните етнички заедници по принципот на државите во регионот. 

“Ова е прва средба на ова ниво на која што отворивме многу прашања кои се значајни за Бошњаците во Македонија. Пред се во почитувањето на човековите права и подршка за воведување на загарантирани места во Собранието за помалкубројните заедници. За соработката за претстојниот попис на населението кој е од исклучително значење за Бошњаците, но и околу директна помош во книги и литература во образованието. Во наредниот период очекувам конкретни чекори.” – истакна Рамчиловиќ. 

Пратеникот Ирфан Ченгиќ, ја потврди искрената и безрезервната лична поддршка. „Ќе се залагам да се воспостават подобри услови во образованието и дека државата Босна и Херцеговина потребно е да посвети повеќе внимание на Бошњаците во Република Македонија, особено кога се во прашање и станува збор за нивните политички права и нивното застапување во Парламентот на Република Македонија.“

На крајот, пратениците Ченгиќ и Рамчиловиќ изразија благодарност за одржаната работна средба со искрена намера за продолжување и интензивирање на соработката во иднина со цел реализирање и исполнување на зададени цели со превземање на конкретни чекори.

Click