Активности

Четврток, 25 ноември 2021

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска на седница на Постојаната комисија на ПССЕ

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, во својство на заменик-шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, учествува на седница на  Постојаната комисија, која се одржува на 25 и 26 ноември 2021 година во Рим, по повод почетокот на шестмесечното ротирачко претседавање на Италија со Комитетот на министрите на Советот на Европа.

Состанокот го отвори претседателот на Парламентарното собрание, Рик Даемс, а воведни обраќања имаа Роберто Фико, претседател на Домот на пратениците и Марија Елизабета Алберти, претседателка на Сенатот, по што следеше размена на мислења со министерот за надворешни работи, Луиџи Ди Мајо, за приоритетите на Италијанското претседателство.

Со цел да изгради иднина засновна на човековите права, Италијанското претседателство ќе се фокусира на обновување на посветеноста на заеднички принципи и вредности, зајакнување на правата на жените, децата и адолесцентите, притоа промоција на политиките за младите и борбата против дискриминацијата и градењето на иднина во која технологиите и науката се ставени во функција на задоволување на потребите на луѓето со целосно почитување на нивното достоинство и неделивите права. 

Агендата опфаќа разгледување на дневниот ред за престојната јануарска сесија на ПС на СЕ, потоа ревидирање на Кодексот на однесување на Собранието со кој се воведува експлицитна забрана за сексизам, сексуално вознемирување, сексуално насилство и недолично однесување. Пратениците го одбележуваат 25 Ноември како Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените, преку размена на мислења со експерти во областа за улогата на мажите во запирањето на родовото насилство. Пред почетокот на седницата, беше поднесено барање за вклучување во агендата и расправа по актуелна тема и тоа состојбата на мигрантите на границата со Белорусија.

Состанокот на Постојаната комисија одбележа и две годишнини, и тоа 70-годишнината од Женевската конвенција, со презентација на придонесот на Советот на Европа во зголемената синергија меѓу меѓународното хуманитарно право и меѓународните човекови права, како и 70-годишнината од Конвенцијата за бегалци, со посебен извештај за доброволното преместување на мигрантите на кои им е потребна хуманитарна заштита и доброволното преселување на бегалците.

Останатите теми за дебата ги вклучуваат борбата против корупцијата, општи принципи и политичка одговорност, со учество на италијанската министерка за правда, Марта Картабија, потоа интересите на децата и политиките кои обезбедуваат рамнотежа меѓу работата и слободното време, влијанието на пандемијата врз образованието и културата, дискриминацијата врз Ромите и патувачите на полето на домувањето.

Членови на Постојаната комисија се членовите на Бирото и шефовите на националните делегации. Комисијата одржува седници двапати годишно во земјите членки кои го имаат ротирачкото претседавање со Советот на Европа и таа делува во име на Парламентарното собрание, кога тоа не заседава.

Пред одржувањето на Постојаната комисија, заседание одржа Бирото на Парламентарното собрание, на кое беше разгледувано членството во комисиите и  на предлог на Политичката група на социјалистите, демократите и зелените, Бисера Костадиновска-Стојчевска беше назначена за член на Мониторинг-комисијата. Назначувањето беше официјално потврдено на состанокиот на Постојаната комисија. Мониторинг-комисијата е надлежна да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите членки содржани во Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата, како и почитувањето на обврските преземени од властите на земјите-членки при нивното пристапување во Советот на Европа.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.