Активности

Четврток, 25 ноември 2021

Пратеникот Лазе Таневски на состанок на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница

Пратеникот Лазе Таневски, член на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија учествуваше на состанок на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница посветен на патоказот за декарбонизација и законодавството за декарбонизација, во организација на Секретаријатот на Енергетската заедница, кој се одржа на 23 ноември 2021 година, во Белград, во Народното собрание на Република Србија.

На состанокот учествуваа и претставници од националните парламенти на договорните страни на Енергетската заедница, членови на Европскиот парламент, претставници од Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската комисија. 

Од страна на учесниците беше истакната потребата од преземање на иницијативи за воведување на нови технологии за трансформација на енергетскиот сектор за да се постигне намалување на емисијата на стакленички гасови. Во насока на реализирање на оваа цел, значајна е поддршката од Секретаријатот на Енергетската заедница за договорните страни. Потребно е да се зголеми улогата на националните парламенти во енергетската трансформација преку предлагање на решенија и законски прописи. Сите земји треба да дадат свој придонес во имплементацијата на Парискиот договор за климатски промени и намалување на емисијата на стакленички гасови. 

Од страна на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, беше презентирано дел од новото законодавство на Европската комисија кое се однесува на намалување на учеството на фосилните горива во производството на електрична енергија и поголема употреба на обновливи извори на енергија, за што е потребно донесување на повеќе директиви за негово имплементирање. 

Директивата за управување ги стимулира земјите да креираат интегриран национален план за енергија и клима со цел намалување на емисијата на стакленички гасиви. Од страна на Јанез Копач беше посочено дека досега само Република Северна Македонија од договорните страни на Енергетската заедница има подготвено и доставено до Секретаријатот интегриран национален план за енергија и клима. 

Исто така, предвидена е директива за електрична енергија која дава поголема слобода на потрошувачите во изборот на снабдувач со електрична енергија, нова директива за обновливи извори на енергија која се однесува на поголемо учество на обновливите извори на енергија и директива за поголема енергетска ефикасност на зградите на јавните институции.

Беше истакната потребата од финансиска поддршка од страна на ЕУ за договорните страни на Енергетската заедница за да ги спроведат потребните енргетски политики кои ќе овозможат поголема енергетска стабилност, поголемо учество на обновливите извори на енергија и заштита на животната средина.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.