Активности

Понеделник, 22 ноември 2021

Пратеникот Миле Талевски на специјален состанок на ПС на НАТО во Барселона

Пратеникот Миле Талевски, заменик-член на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на ПС на НАТО, на 18 и 19 ноември 2021 година, учествуваше на специјален состанок во заедничка организација на Специјалната група за Медитеранот и Блискиот Исток, Поткомитетот за партнерство со НАТО и Шпанската делегација во Парламентарното собрание на НАТО во Барселона, Кралството Шпанија.

На состанокот учествуваа делегации од националните парламенти на земјите членки на НАТО, делегации од земјите партнери на Алијансата и експерти - познавачи во областа на прашања на дискусија за време на настанот, кој се одржа во полузатворен формат.

Состанокот, со свое поздравно обраќање го отвори Андер Гил Гарсија, претседател на Сенатот на Кралството Шпанија, кој истакна дека предизвиците кои произлегуваат од регионот на МЕНА и Северна Африка се заеднички за сите земји членки на Алијансата, бидејќи истите, а особено принципите на демократијата, не познават граници и држави. Она што е заедничко за НАТО и земјите од овој регион е дека граѓаните сакаат да живеат во мир и слобода во своите земји. Според неговото видување, вредностите кои ги промовира НАТО имаат значење само доколку истите се споделуваат со што поголем број на луѓе и како такви помогнат во зајакнување на отпорноста на нашите општества. Парламентарната соработка во рамките на ПС на НАТО ја оцени како клучна за градење сојузнички врски преку Атлантикот. За истата изрази потреба од збогатување преку заеднички активности со Европската Унија, но и со граѓанското општество, со цел успешно справување со предизвиците на модерното време како хибридните закани, лажните вести, енергетската безбедност и животната средина.   

На присутните им се обрати и Маргарита Роблес Фернандез, министерка за одбрана на Кралството Шпанија, која нагласи дека медитеранскиот регион кој носи во себе богата историја и вкрстување на различни култури, се повеќе станува фокус на опсервација на земјите членки на НАТО и нивните приоритети за мир и безбедност. Таа заклучи дека во пристапот кон разрешување на конфликтите треба да се даде предност на она што е заеднички интерес и она што поврзува пред прашањата кои отвораат уште поголеми поделби.

Адмиралот Хуан Франциско Мартинез Нунеж, генерален секретар за одбранбена политика во Министерството за одбрана, ги повтори ставовите на неговите претходници за овој регион, со нагласок за вклучување на жените во мировните преговори и за соодветно претставување на родовата перспектива во овие процеси.

Дебатата ја отвори Соња Крими, претседател на Специјалната група за Медитеранот и Блискиот Исток на ПС на НАТО, која повика на поголем политички ангажман во овој дел на светот, особено на парламентарно ниво и унапредување на мирот и безбедноста на граѓаните кои живеат таму, со оглед на фактот дека истиот директно и индиректно ги засега приоритетите и постулатите врз кои почива Алијансата. 

Учесниците разменија мислења и со претставници на истакнати институти и експерти за прашања поврзани со регионот на Медитеранот и Блискиот Исток. Беа споделени различни видувања за надминувањето на отворените прашања, како и за хуманата безбедност и тековните миграции кои се особено изразен проблем во пограничните земји на НАТО.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.