Активности

Петок, 13 мај 2022

УСВОЕН ПЛАНОТ НА АКТИВНОСТИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА РОДОВАТА СЕНЗИТИВНОСТ НА СОБРАНИЕТО 2022 - 2024

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, во соработка со Клубот на пратенички и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска организираше Јавна расправа на тема: Предлог-план на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието на Република Северна Македонија 2022 - 2024.

Поздравни обраќања на јавната расправа имаа Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички, а презентација на Предлог-извештајот за имплементација на Планот на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието на Република Северна Македонија 2020 – 2021 и на Предлог-планот на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието на Република Северна Македонија 2020 - 2021 одржа Резарт Мехмед од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Пратеничката Сиљановска-Давкова во своето обраќање истакна дека овој План во голема мера кореспондира со предлозите и ставовите на сите присутни на јавната расправа и произлегува од тековните активности. Таа го потенцира непроценливото учество на ОБСЕ во креирањето на овој План и изрази голема благодарност за целокупната поддршка во процесот. Пратеничката додаде дека иако жестоко го критикува Парламентот, сепак, верува дека парламентите, па и нашиот, можат да бидат вистински школи на демократијата, а демократија нема ако половина од популацијата не е вклучена во сите процеси на одлучување.

Пратеничката Лолита Ристова изрази огромно задоволство што после подолг период на заедничка работа, односно од самото конституирање на овој состав на Клубот на пратенички, заедно со КЕМ, а со поддршка на канцеларијата на ОБСЕ И ОДИХР, пристапиле кон работни сесии за укажување на потребата за главните промени кои треба да се случат преку измена на Деловникот и Законот за собрание, како и со изработка и подготовка на овој План. Според неа, повеќе од јасна е потребата да се искористат сите механизми: преку Деловникот на Собранието, преку Етичкиот кодекс или, дури и, преку Законот за пратениците, со цел да се делува час поскоро и да се идентификуваат и да се регулираат однесувања и дела кои се забранети за пратениците и за собраниската служба и истите доследно да се почитуваат.

Резарт Мехмед од Мисијата на ОБСЕ во Скопје ги презентираше Извештајот и Планот. Во однос на Извештајот, тој потенцираше дека во изминатиот период се изготвени Анализа на Деловникот и Законот за Собрание од родов аспект, подготвен е Прирачник за родова еднаквост за пратеници и стручна служба, зголемен е бројот на подготвени анализи со родова компонента од страна на Парламентарниот институт, спроведени се обуки за родова еднаквост за пратениците и стручната служба, систематизирано е ново работно место на позиција советник за родова еднаквост и унапредена е законската рамка за родова еднаквост.

Овој план, како и претходниот, се фокусира на мерките за зголемување на застапеноста на жените во Собранието, институционализирањето на мерките за родово сензитивно законодавство и надзор, продолжување на професионалниот развој на пратениците и пратеничките и собраниската служба и вклучување на родот во процедурите и политиките на Собранието. Овој План е зајакнат со посебен дел за активностите на Клубот на пратенички. Формирањето на функционално тело за следење и спроведување, што ќе биде од клучно значење за успешно спроведување на планот.

По дискусијата, во која учествуваше Сузана Мусли од ДЕРЈА и пратеничките Санела Шкријељ, Маја Морачанин, Марија Петрушевска и пратеникот Љупчо Пренџов, Комисијата ги усвои:

  • Предлог-извештајот за имплементација на Планот на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието на Република Северна Македонија 2020 – 2021;
  • Предлог-планот на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието на Република Северна Македонија 2022 - 2024.

Комисијата, исто така, одлучи да формира работна група за реализација на Планот на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието на Република Северна Македонија 2022 - 2024.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.