Активности

Петок, 19 ноември 2021

Во Собранието се потпиша Меморандум за разбирање со ДКАФ

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и директорот на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДКАФ), Томас Гербер, потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу ДКАФ - Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор и Собранието на Република Северна Македонија, за партнерство во спроведувањето на „Програмата за реформи во секторот за безбедност и разузнавање во Република Северна Македонија“ (2021-2026).

Директорот Гербер искажа благодарност за конструктивната соработка со Собранието и ги поздрави напорите за унапредување на надзорот врз безбедносниот сектор. Тој подвлече дека донесувањето на закони со кои се формираа соодветните институции во разузнавачкиот сектор, подразбира комплексни процедури и се уште една потврда за посветеноста на државата и Собранието на демократските реформи. На задоволство на ДКАФ програмата за поддршка на Собранието, со која во 2018 година започна стратешкото партнерство со потпишувањето на првиот Меморандум за разбирање за спроведување на проектот „Развој на парламентарен и независен надзор“, благодарение на меѓународните партнери како Европската Унија, Холандија, Шведска и Швајцарија, кои придонесоа за успешност на тековниот проект, соработката се продолжува до 2026 година.  

Претседателот Џафери се осврна на придобивките од соработката со ДКАФ во рамките на „Програмата за реформи во разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија“ и искажа уверување дека Заштитената соба во Собранието ќе се операционализира во најскоро време, со што целосно ќе се стави во функција опремата којашто е набавена во рамките на Програмата. Тој потенцираше дека реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се во насока на поголема стабилност, владеење на правото и безбедност на државата и граѓаните и исполнувањето на стандардите на Европската унија во оваа сфера.

Соговорниците се согласија дека денешната церемонија на потпишување на Меморандумот е уште една потврда за посветеноста на државата на градење силни институции, потврдување на траекторијата на реформи и близок однос со меѓународните организации во насока на поплочувањето на патеката кон Европската Унија. 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.