Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Среда, 13 февруари 2019 година 

Бејли: Постигнувањата на Клубот на пратенички се постигнувања и на граѓаните

Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија вчера одржа работна средба со амбасадорот на САД, г-дин Џес Бејли. Во придружба на амбасадорот беше и новата директорка на канцеларијата на УСАИД, Гречен Биркл како и Слаѓана Србиноска, менаџмент специјалист од УСАИД. 

Целта на работната средба беше амбасадорот Бејли како поддржувач на работата на Клубот на пратенички, да дискутира  за  досегашните достигнувања  и искуства од работата.

На работната средба покрај членовите на претседателството на Клубот на пратенички, присуствуваа: г-дин Крис Хеншоу, директор на НДИ Македонија;  Александра Цветковска, виша менаџерка на програми на  НДИ Македонија; генералната секретарка на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Цветанка Иванова; а поканети беа и  сите пратенички  на Собранието на Република Македонија.

Средбата ја отвори претседателката на Клубот на пратенички, г-ѓа Ѓулумсер Касапи со воведно обраќање. 

Во своето обраќање претседателката го искажа своето задоволство што на овој историски ден, кога покрај македонското знаме се вее и знамето на НАТО, амбасадорот одвои време да го  посети и удостои Клубот на пратенички  со своето  присуство. Таа нагласи  дека амбасадорот на САД секогаш  бил пријател на демократските процеси, пријател на Македонија, пријател на Собранието на Република Македонија, и дека секогаш покажувал интерес  за работата на Клубот на пратенички. 

Претседателката на Клубот се осврна и на тоа дека Клубот на пратенички добива поддршка од УСАИД, преку НДИ од самиот почеток во 2007 година. Изрази благодарност за сета досегашна поддршка за остварување на целта на Клубот на пратенички - унапредување на статусот и положбата на жените и воспоставување на еднакви можности на жените и мажите, со надеж дека истата соработка ќе продолжии во иднина.

Во своето понатамошно излагање Касапи го потенцираше мотото на Клубот што гласи: “Градиме мостови на разбирање”. Не сакаше да навлегува со премногу информации по однос на историјата на Клубот на пратенички, но спомена неколку достигнувања од досегашниот мандат меѓу кои: 

  • Согласноста на Клубот на пратенички да постигнеме целосна рамноправна еднаквост на кандидатски листи за пратеници во Собранието на РМ.
  • Усвојување на  стратешкиот план на Клубот на пратенички кој ќе  биде насока во исполнувањето на  приоритетите на Клубот.
  • Издејствување промена на членот 197 од Кривичниот законик со кој се зголеми долната граница за стапување во брак од 16 на 18 години, заеднички на иницијатива на РОМА СОС.

Претседателката на Клубот на  амбасадорот му врачи примерок на англиски јазик од периодичниот извештај за работата на Клубот на пратенички за периодот јули 2017 година - декември 2018 година, за повеќе информации. 

На воведното обраќање се надоврза и заменичката-претседателка на Клубот на пратенички, г-ѓа Слаѓана Митовска. Се заблагодари за несебичната поддршка и соработка од страна на амбасадорот во изминатиот период и истакна дека: Пратеничките имаат и желба, и можност, и единство за да придонесат во борбата против секој вид на насилство и во спречување и намалување на бројот на жртви  на секој вид на родово базирано насилство.  

Своето обраќање амбасадорот Бејли го започна со информацијата дека на први март треба да ја напушти Македонија. Завршувањето на неговиот мандат се случува во едно специфично време на еден нов почеток за нашата земја и време кога улогата на Парламентот ќе стане уште позначајна за многу прашања за македонското општество, било да се директно или индиректно поврзани со интеграцијата  во ЕУ или НАТО и стратешките аспирации на граѓаните во нашата земја. 

Во последните денови од својот мандат амбасадорот својата желба да се состане со Клубот на пратенички ја заснова на своите размислувања за важноста на Клубот, која тој ја воочил во долгогодишното следење на неговата работа, па ова е единствена проштална средба што тој ќе ја оствари во Собранието покрај онаа со претседателот на Собранието на Република Македонија. Тој се присети на тешките моменти  кога Македонија минуваше низ избори, во  крајот на декември и почетокот на јануари кога имаше голем прашалник дали и кој ќе ја формира Владата – едно чувствително време  на поларизација во кое жените парламентарки први се собраа заедно и со заеднички ставови надминувајќи ги бариерите на политичките партии допринесоа во напредувањето на Македонија во овој процес и можноста на политиката да си ја заврши својата работа. Токму жените тогаш беа тие што одржувајќи го Клубот на пратенички активен, работеа заедно и покрај предизвикувачките услови.

Меѓу другото амбасадорот Бејли го иницираше прашањето зошто образованието како темел на едно општество се наоѓа на дното на приоритетната листа на гласачите. Тој овој проблем го увидел со разговор од различни перспективи со младите, па како жени политичарки ги замоли пратеничките да дадат свое видување. 

По обраќањето на амбасадорот на САД се отвори дискусија во која се вклучија пратеничките: Жаклина Лазаревска, претседателка на Комисијата на образование,наука и спорт; Јулијана Николова; Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; Снежана Калеска-Ванчева, Емилија Александрова, Јагода Шахпаска,  Благица Ласовска, Мирсада Емини-Асани. 

Во дискусијата пратеничките се заблагодарија на поддршката од амбасадорот и од САД, се потрудија да дадат одговор на прашањето што го постави амбасадорот  и да го доловат потеклото на проблемот со погрешната  перцепцијата на вредностите од страна на граѓаните вклучително и образованието, а беа презентирани и достугнувањата, проблемите и предизвиците со кои се соочува Клубот на пратенички.

Свое обраќање имаше и генералната секретарка на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Цветанка Иванова која во своето излагање им порача на  пратеничките трите важни пораки, а тоа се:

  • Никогаш не заборавајте дека сето ова што е постигнато, е постигнато заради ангажманот, трудот голем што го вложувате вие, но и на многу жени пред Вас и секогаш тоа имајте го во предвид. 
  • Негувајте ги нишките кои што Ве спојуваат, нека нема нетрпеливост помеѓу Вас. Работете на разликите кои што Ве оделуваат. Вие сите сте идеолошки различни, нормално дека не можете да постигнете општ консензус, но секогаш нишката што Ве спојува немојте да ја прекинувате.
  • Борете се за квоти, добро е да се учествува во местата каде што се одлучува. Но во своето работење  немојте да се ограничувате само на квотите. Секогаш е време за борба за родова еднаквост, дури и во најтешките моменти е време кога треба да се изборите. Пример за тоа е и средбата во Пржино која ја спомна и амбасадорот, на која што во жешки ситуации како присутни таму успеавме да го поставиме прашањето за квотата, но и да ја подигнеме. 

На крајот на средбата амбасадорот Бејли им се заблагодари на пратеничките за разменетите мислења, се согласи со генералната секретарка и им посочи на пратеничките дека: постигнувањата на Клубот на пратенички се постигнувања и на граѓаните, и дека можеби некогаш освен благодарноста за  добрите нешта што се случиле треба да се  искаже и благодарност за лошите нешта што се спречило  да се случат. Како сегашни сојузници, а не стратешки партнери на НАТО сите пратенички на оваа средба ќе ја имаат безрезервната поддршка, но сепак пратеничките се тие што треба самите да ги постигнат резултатите.