Неформални групи

Петок, 21 јануари 2022

Средба на Клубот на пратенички со студенти од Џон Хопкинс

Денеска, Претседателството на Клубот на пратенички одржа средба со студенти од Универзитетското училиште за напредни меѓународни студии Џон Хопкинс. На средбата присуствуваа професорот Шнеебаум и 12 студенти со цел да обезбедат практично искуство од областа на човековите права. Имено, тие секоја година одбираат прашање и земја за истражување во период од два семестра, што резултира со сеопфатен извештај и заклучоци.

На иницијатива на магистрантот Јунг-Ју Чанг, оваа година во фокусот на овие студенти се правните инструменти, домашните и меѓународните институции и законската рамка за трговијата со луѓе на Република Северна Македонија.

Во воведното излагање, Калеска-Ванчева истакна дека Република Северна Македонија создаде широка правна рамка за борба против трговијата со луѓе, која е зајакната и хармонизирана, соодветно развиена и во согласност со европското законододавство и меѓународните стандарди, особено во насока на идентификација, превенција, давање правна помош и поддршка на жртвите.

Уставот на Република Северна Македонија во делот на граѓански и политички права ги гарантира фундаменталните права и слободи како темелни вредности на уставниот поредок на државата.

Национално законодавство кое ја регулира оваа материја ги опфаќа Законот за странци, Кривичниот законик, Законот за кривична постапка, Законот за меѓународна соработка во кривичната материја и Законот за странци.

Студентите, меѓу другото, се интересираа дали во моментов има некои закони за трговија со луѓе кои се во нацрт или се разгледуваат како измени и дополнувања и како се распределува буџетот за борба против трговијата со луѓе.

Беше потенцирано дека во собраниска процедура е Законот за обесштетување на жртвите на кривични дела, за кој се користени меѓународни стандарди, добри искуства и практики. Пристапот до државното обесштетување може да одигра важна улога во закрепнувањето на овие жртви и на тој начин се испраќа моќна порака до жртвата, дека општеството признава дека над неа е извршено злодело.

На средбата, исто така, свои излагања имаа претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Гордана Сиљановска-Давкова и Јасмина Димитриева од Советот на Европа, а покрај нив активно учество зедоа и пратеничките Марија Петрушевска, Жаклина Пешевска и Ангелинка Петкова.

На крајот Калеска-Ванчева им посака пријатен престој на студентите во нашата земја, многу успеси и на приватен и на професионален план и искажа подготвеност во името на Клубот на пратенички за идни соработки со овој универзитет.

Click