Меѓународни организации и интеграции

Вторник, 27 септември 2016 година

Есенската сесија на ПС ОБСЕ - најголем меѓународен парламентарен настан организиран во Македонија

Во пресрет на 15. Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, која ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври во Скопје, во хотелот „Холидеј Ин“, потпретседателката на Собранието на Република Македонија и шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ, г-ѓа Рената Дескоска, одржа прес-конференција.

Станува збор за најголемиот меѓународен парламентарен настан организиран во историјата на Република Македонија, со учество на делегации од 51 земја учесничка во ОБСЕ, 370 пријавени учесници, од кои 220 пратеници.

На Есенската сесија ќе се расправа по неколку теми кои се во рамките на принципите на дејствувањето на ОБСЕ. Работниот дел се состои од седница на Постојаниот комитет, Парламентарна конференција на тема „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ“ и Медитерански форум. 

Во рамките на Парламентарната конференција, ќе се одржат три работни сесии, од кои на првата ќе се дискутира за „Доброто владеење како основа за поттикнување на економскиот развој во регионот на ОБСЕ“. На втората сесија на тема: „Развој на демократските институции и човековите права во Југоисточна Европа: улогата на ОБСЕ“, ќе биде одржана тркалезна маса со шефовите на Мисиите на ОБСЕ во регионот. Поаѓајќи од актуелната состојба со бегалската криза, тема на третата сесија ќе биде „Подобрување на управувањето со меѓународната миграција врз основа на човековите права“. 

Со оглед на тоа што ПС ОБСЕ претставува форум за зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ поврзани со политичките, безбедносните и економските прашања, како и прашањата за човековите права и животната средина, за Република Македонија е од особено значење што токму овде ќе се дебатира за овие значајни прашања – истакна потпретседателката Дескоска.

Исто така, таа додаде дека имајќи предвид што една од главните цели на ПС ОБСЕ е поддршка на јакнењето и консолидацијата на демократските институции во земјите учеснички, уште поголем е предизвикот да се биде домаќин на оваа Есенска сесија.

Click