СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНt

Политичкиот дијалог меѓу Собранието на Република Македонија и Европскиот парламент започнува во почетокот на 1990-те години преку пратенички посети и средби во Скопје и Брисел.

На 17 ноември 1994 година, Европскиот парламент основа Делегација за односи со Југоисточна Европа (ДЈИЕ), која беше одговорна за меѓупарламентарните односи со пет земји од регионот: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Сојузна Република Југославија и Република Македонија.

Посебна Група за соработка на Собранието на Република Македонија со Европскиот парламент беше формирана на 17 јули 1996 година. Меѓу овие две тела беа одржани вкупно девет редовни меѓупарламентарни средби во перидот од 1996 до 2004 година. Формирањето на ова тело беше од исклучително значење заради можноста за директна размена на мислења и ставови околу напредокот на нашата земја во одредени области на патот кон нејзиното целосно интегрирање во ЕУ.

Во април 1997 година, е потпишана Спогодба за соработка меѓу Република Македонија и Европските заедници, како и Спогодбата во областа на транспортот се ратификуваше  во Собранието на Република Македонија, која стапи на сила во јануари 1998 година.

Во 1998 година Собранието на Република Македонија донесе Декларација за развојот на односите на Република Македонија со Европската унија а во 2000 година, Декларација за натамошен развој на односите со Европската унија. Во декларациите, покрај истакнувањето на членството во Европската унија, како стратешка цел на Република Македонија, нагласена е определбата за усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата, контролата врз извршната власт во процесот на приближување кон Унијата, обезбедувањето договор меѓу политичките партии застапени во Собранието за клучните прашања на приближување кон Унијата, запознавањето на пошироката јавност со значењето и вистинските импликации на процесот на интеграција.

На 9 април 2001 година е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) со Европската унија, за која Европскиот парламент ја даде својата согласност на 3 мај 2001 година, а од страна на Собранието на Република Македонија е ратификувана на 12 април 2001 година.

На 18 април  2003 година, Собранието на Република Македонија ја основа Комисијата за европски прашања како матично работно тело кое ги разгледува прашањата поврзани со процесот на  евроинтеграцијата на Република Македонија во Европската унија и дава мислење за сите законски предлози со кои се остварува усогласувањето на нашето законодавство со правото на ЕУ. 

Комисијата за европски прашања како земја кандидат за Членство во ЕУ учествува во работата на Конференцијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти на државите членки на Европската унија (КОСАК).

Собранието на Република Македонија е еден од иницијаторите за формирање на  КОСАП, а во 2006 година во Скопје се одржа  Третата конференција на КОСАП.   
На 22 март 2004 година, Република Македонија за време на Ирското претседателство со Советот на ЕУ, поднесе апликација за членство во ЕУ, а на 1 април 2004 година, стапи на сила Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ, нејзините земји членки и Република Македонија.

Со стапувањето на сила на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2004 година, структурираниот дијалог меѓу државите кои имаат потпишано ваква спогодба со Европската унија се извршува на различни нивоа, така што Република Македонија се издвојува од останатите земји и излегува од Делегацијата за односи со земјите од Југостична Европа, по што воспоставува директни билатерални односи со Европскиот парламент, преку формирањето на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ. Неговото основање произлегува од членот 114 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и неговото функционирање во практична смисла е идентично со функционирањето на останатите вакви комитети со земјите со асоцијативен статус.

Истата година,  на 11 јуни 2003 година, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 11 јуни  2003 година, усвои Декларација за улогата на Собранието на Република Македонија во парламентарната димензија на Процесот за стабилизација и асоцијација

На 13 февруари 2004 година Собранието усвои Декларација за поднесување барање за членство на Република Македонија во Европската унија, по што во април истата година следеше официјалното поднесување за барање на членство на Република Македонија во Европската унија. На 17 декември 2005 година, Република Македонија се здоби со статус на земја кандидат за членство во Европската унија.

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 19  ноември 2007 година, донесе Одлука за основање на Национален совет за евроинтеграции.  Националниот совет за евроинтеграции е единствено тело во земјата кој во себе обединува собраниски, владини и невладини претставници.

Главна цел на Националниот совет за евроинтеграции е одржување на високо ниво на континуирана политичка поддршка на процесот на интеграција на Република Македонија во Европската унија, постојан и вистински дијалог и стабилен политички консензус.

На 27 ноември 2007 година, Собранието усвои Резолуција за приоритетите при пристапувањето на Република Македонија во Европската унија и отворањето на преговори за членство во Европската унија. Во документот се дава целосна поддршка на Владата во исполнување на неопходните критериуми за членство во ЕУ и се изразува готовноста на Собранието за промовирање на реформите и достигнувањата на Република Македонија за што поскоро отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.

На 15 декември 2008 година, Собранието на Република Македонија ја усвои Резолуцијата за приоритетите во 2009 година за пристапување на Република Македонија во Европската унија, во која се изложуваат главните приоритети на земјата и активностите од приоритет за Владата и за Собранието на Република Македонија потребни за исполнување на критериумите на патот кон полноправно членство на Република Македонија во ЕУ.

На својата седница одржана на 4 февруари 2010 година, Собранието на Република Македонија со големо мнозинство ја донесе Декларацијата за поддршка на Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница, донесена на 15 јануари 2009 година. Декларацијата, која што беше испратена до претседателот на Европскиот парламент и до претседателот на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Собранието ја изрази својата цврста определба и верба дека помирувањето и трајниот мир меѓу народите во регионот се предуслов за продолжување на процесот на интеграција во евроатлантските  структури. Со донесувањето на оваа Декларација, Собранието одлучи соодветно да го одбележи 11 јули, денот на Денот за сеќавање на геноцидот во Сребреница со што ќе  им се оддаде почит на жртвите од масакрот во Босна и Херцеговина.

Приклучувајќи се на земјите членки на ЕУ и на самата Европска унија во одбележувањето на Европскиот ден за побезбеден интернет- 9 февруари, Собранието на Република Македонија, врз основа на заклучоците од јавната расправа за побезбеден Интернет, организирана од страна на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија, на седницата одржана на 1 март 2010 година донесе Декларација за побезбеден Интернет, во која ги повикува државните институции, цивилниот сектор и образовните институции  да работат на подигање на свеста кај граѓаните за заштита на приватноста на Интернет, согласно  праксата на државите-членки на Европската унија, како и создавањето поголема општествена грижа во Република Македонија за заштита на децата и младите од достапноста до интернет содржини кои се штетни за нивниот морал и здравје.

Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 1 март 2010 година, усвои Резолуција за климатските промени. По заклучоците од Самитот во Копенхаген и информацијата за климатските промени во Република Македонија за период од 30 години, Собранието повика на координирана активност со Владата и другите државни институции и на соработка со заинтересираните невладини рганизации за ублажување на ефектите од климатските промени. Во усвоениот текст, Собранието посочи на потребата Владата да поднесува годишни извештаи до Собранието за преземените мерки за намалување на ефектите од климатските промени и дека е неопходно да се продолжи со информирање на релевантните меѓународни институции за ефектите од климатските промени во Република Македонија и за преземање на активности за поадекватно претставување на проблемот на меѓународно ниво. Со оваа Резолуција, Собранието на Република Македонија изрази подготвеност утврдените мерки во резолуцијата да бидат еден од неговите приоритети во процесот на донесување одлуки.

Собранието на Република Македонија на 27 седница одржана на 25 декември 2017 година ја усвои Декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

Click