Собраниско раководство

Вторник, 2 август 2016 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски по повод 2 Август-Илинден, Ден на Републиката 

Добар ден Македонијо!
Добар ден почитувана и славна илинденска Татковино!
Голем поздрав до сите граѓани на оваа земја кои, денес, доаѓаат од сите страни за да ги посетат местата на славната историја на Македонија!
Голем поздрав и до сите оние, кои со мисла и со збор, распрскани низ сите краишта на нашата Tатковина си спомнуваат за Илинден.
Денес насекаде ечи гордоста на нашата Tатковина!
Денес насекаде сјае наследството на предците на овој народ!
Денес повторно блика во сета своја слава, како извор вода, крвта на комитите и на партизаните пролеана за Македонија!
На овој ден, растурени низ градовите и селата, повторно ја прегрнуваме Македонија!
На овој ден, и северот и југот на нашата земја, говорат во еден глас!
На овој ден, и истокот и западот на Македонија, го слават победоносниот крај на борбата за самостојна и независна држава!
На овој ден и христијаните и муслиманите  ја слават независноста на нашата Татковина!
На овој ден Македонците, како и Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и останатите и' се радуваат на слободата, на демократијата и на единството!
Драги пријатели,
Силно се пружени кон вечноста на Македонија, рацете на народот кој денес е на Mечкин камен!
Силно ечат тапаните низ горите крушевски кои ја слават жртвата на праведниците!
Илјадници патриоти на Македонија денес се по сокаците и на улиците во историското Крушево, одзивајќи се на повикот на Tатковината!
Дојдени со една цел - да го одбележат и да си спомнат на достоинствен начин за делото на славните комити кои ни ја донесоа слободата!
Затоа - еден голем поздрав, тука од главниот град на Македонија, до сите наши сограѓани во Крушево и во крушевско!
Истовремено, на спротивниот крај од Македонија, во Пелинце - другиот дел од нашата Македонија, го послуша својот внатрешен глас и дојде да им оддаде почит на борците од Народноослободителната војна.
Илјадници луѓе, дојдоа во овој крај за да им оддадат почит на партизаните, кои, како и нивните историски предци - комитите, се откажаа од најмилото за да можеме ние денес слободно да живееме.
Гласот на партизанските одреди денес оддекнува низ овие северни краишта на нашата Татковина.
Гласот на борците за слобода денес повторно се разлеа низ овој дел од македонската земја.
Знамето на партизаните денес е силно развиорено на македонската почва и ќе остане да се вее низ вековите сé до вечноста!
Како и пред повеќе од 60 години во Манастирот  „Св. Прохор Пчињски“ кога започна да се гради слободна Македонија, и денес со крв натопеното знаме на партизаните, сведочи за континуитетот на борбата за  мир и за слога во земјата на граѓаните на Македонија!
Сите градови и села на Македонија денес пулсираат во духот на Илинден.
Секоја педа на македонската земја денес трепери пред големината на делото на илинденците.
Секоја педа на македонската земја денес сведочи за големината на битките кои биле водени.
Конечно, денес, секоја педа од македонската земја ја манифестира својата неизмерна приврзаност кон Татковина.
Истовремено, наследството на Илинден денес се слави и насекаде низ светот каде живеат Македонците!
Граѓаните на Македонија, распрскани по белиот свет, еднакво силно, како и нивните роднини и пријатели во Татковината го слават овој голем ден.
Црквите, Манастирите и Клубовите во Америка, Канада, Австралија, Европа и насекаде низ светот каде што нé има - сведочат за Македонија!
Оттаму, од ова место, ве повикувам да упатиме поздрав до исселена Македонија!
Да упатиме еден огромен поздрав до нашите сограѓани надвор од границите на нашата земја и да им порачаме дека сите сме едно.
Сите заедно сме Македонија!
Сите заедно работиме и создаваме за Македонија!
Драги пријатели,
Како во Историското Крушево и во Пелинце, така денес и во Скопје се прославува!
Денес престолниот град на Македонија во голем сјај и со достоинство го слави Илинден!
Средиштето на независната македонска држава со истата силна енергија го буди споменот на сите битки за Македонија!
Тука, во центарот на градот, собрани пред споменикот на еден од најголемите великани на нашата нова историја, креваме уште еден глас за слобода и за демократија.
Си спомнуваме за жртвата на борците од подалечната и од поновата историја на нашата татковина!
Силно ја акцентираме славната историска улога на луѓето од овие времиња кои ги продолжија битките за конечно создавање на независна, самостојна и демократска држава!
Методија Андонов - Ченто, големиот великан на Македонија е симболот на сите извојувани победи во периодот после 1945 година кои се темелот на времето кое денес го живееме.
Затоа сме денес тука, пред неговиот паметник!
Собрани тука ја демонстираме нашата искрена почит и кон неговото наследство, како и кон наследството на сите оние македонски патриоти кои заради својата антикомунистичка демократска идеологија се најдоа на немилост на делови од тогашната социјалистичка власт!
Еднакво значајно е, и затоа го славиме делото и на оваа генерација македонски патриоти кои сонуваа за независна Македонија во периодот на социјализмот.
Еднакво значајно е, и затоа го славиме делото на редици македонски синови и ќерки кои заради идеја и збор, мораа да издржуваат тешки казни по казаматите во Идризово или на Голи Оток.
Затоа - слава и почит и за овие македонски херои од нашата нова историја!
Затоа - поклон и пиетет за сите личности кои некој во минатото сакаше нивното дело да биде заборавено!
Драги пријатели,
Тука, во Скопје, се акумулира целата енергија и на Пелинце и на Крушево и на сите значајни историски меѓници низ цела Македонија.
Тука, во центарот на нашата татковина, најсилно се вкрстуваат наследствата на партизаните; делата на илинденците; но и жртвата на комунистите и на антикомунистите!
Делата на сите овие личности ја определија големината на Македонија, но и на Скопје како нејзин главен град!
Тука, во политичкиот, економскиот и општествениот центар на нашата Татковина еднакво силно свети славата на сите македонски патриоти кои ги положија своите животи за слободата низ годините до денес!
На главниот плоштад на македонската држава, денес, но и секој ден, најсилно вибрира пулсот на целата славна македонска историја.
Тој пулс е одлика на единството на Македонија!
Тој пулс е одговорот на сите поделби и раздори кои биле присутни во минатото!
Конечно, тој пулс е и повик за сплотеност во иднината помеѓу сите кога станува збор за иднината на Македонија!
Како што денес, на ова место, се вкрстува енергијата и наследството на сите минати епохи - така, и во иднината, обединети зад делото на сите македонски херои треба уште посилно заеднички да ја градиме Македонија!
Единството е нашиот заеднички именител!
Единството е нашиот заеднички стремеж!
Единството е нашата следна битка која мораме да ја добиеме!
Не смееме да останеме неми сведоци!
Мораме храбро да се соочиме со предизвиците!
Мораме јасно да говориме за проблемите!
Мораме да си подадеме рака!
Мораме да градиме мостови на соработка заради нас самите, односно заради татковината!
Крвта на борците за Македонија е нашата најголема одговорност!
Потта и надежта на граѓаните на Македонија е нашиот мотив за искачување на новите врвови на денешницата кон слободата и демократијата!
Драги пријатели,
Македонија повеќе од една година се соочува со политичка криза!
Македонија повеќе од една година е предмет на еден непринципиелен политички однос кој ги разградува нејзините државотворни темели!
Македонија е под константен притисок за неправедна промена на основните начела на кои почива современата претставничка демократија!
Денес, моќта на граѓаните дадена на избори е под константен притисок!
Денес, гласот на граѓаните даден на избори е во фаза на континуирана релативизација и обезвреднување!
Граѓаните излегоа на избори и гласаа!
Нивната волја е јасна и недвосмислена!
Кристално чиста е народната поддршка!
Сепак - наспроти сé - денес овој основен демократски постулат е под закана!
Во жарот на политичката битка, опиени од желбата за власт - за жал постојат личности кои на грбот на народот настојуваат да ја приграбат Македонија!
Мораме да бидеме јасни и недвосмислени!
Мораме да кажеме „Доста е“!
Македонија не беше градена за да се растури!
Комитите не ги положија своите животи за денес некој да се поигрува со нивното дело!
Партизаните не ги водеа своите победоносни походи за денес некој, наспроти народот, да настојува да ги оствари своите агенди кои се спротивни на големата идеја на Македонија!
Илинден, едноставно, не го дозволува тоа!
Сите славни историски битки не беа водени за некој кој ужива во слободата и демократијата, да ја разградува истата!
Народот, сплотен зад сите големи дела на Македонија, не го дозволува тоа!
Демократијата и почитта која е одлика на нашиот човек нема да го оправда тоа!
Затоа - сакам од ова место, како претседател на македонскиот законодавен дом - јасно да порачам дека сите обиди за релативизирање на волјата на народот ниту имале, ниту имаат ниту некогаш ќе имаат некаков успех!
Тие се осудени на пропаст и на осуда!
Историјата е најдобриот судија за секого и за сé!
Историјата тивко, но крајно прецизно ги бележи делата на секого!
Да не си помисли некој дека може да избега од судот на народот!
Наследството на секоја личност која добила одговорност да работи за народот е предмет на оценка токму од народот!
Порано или подоцна!
Добрите дела со сигурност се наградуваат, додека лошите дела јасно се означуваат како такви!
Така било!
Така и ќе биде!
На секого според заслугите!
За добрите - народот ќе ја испорача својата награда во форма на благодарност!
За неправедниците, исто така следува народниот суд и опомена!
Затоа, како и во некои други минати прилики, како прв меѓу еднаквите пратеници - уште еднаш повикувам на обединување на сите политички структури зад големата идеја на Македонија!
Да се обединиме еднакво силно како што денес, на Илиден, е обединета Македонија!
Да говориме со јазикот на единството, а не со јазикот на поделбите!
Да престанеме да го тормозиме народот!
Да направиме сé, оваа криза во која е втурната Македонија, да заврши што поскоро!
Да му го вратиме мандатот на народот!
Тој е единствениот праведен судија!
Народот никогаш не греши!
Народот, и само тој, најдобро знае да го донесе вистинскиот суд!
Немаме право на ниту еден поинаков однос!
Повикувам на дополнително обновување на меѓусебната почит и разбирање помеѓу политичките партии!
Политичките партии не смеат да бидат непријатели!
Политичките партии мораат да бидат конкуренти кои имаат иста цел!
Македонија е нашата заедничка цел!
Нејзината иднина е нашата најважна програмска одредница!
Мораме да завртиме друг лист!
Мораме да говориме со јазикот на демократијата!
Предолго народот е заложник на една ваква непринципиелна политика!
Искрено се надевам и нема да се откажам од остварувањето на оваа јасна цел!
Искрено верувам дека секое зло, на крајот е за добро!
Верувам дека од оваа тажна национална епизода, ќе излеземе многу посплотени!
Знам дека ќе успееме!
Македонија во минатото се соочувала со неспоредливо поголеми предизвици!
И победувала!
Така ќе биде и сега!
Повторно Македонија ќе победи!
Повторно граѓаните ќе победат!
Ова искуство ќе биде еден потсетник за идните генерации, како треба да се брани, а како не треба да се брани нашата Татковина, нашата демократија и нашите цивилизациски вредности!
Драги пријатели,
Денес, во центарот на македонската метропола, гордо стојат серија на белези кои ја отсликуваат нашата славна историја!
Спомениците и другите паметници не се само парче бронза, како што некој вели!
Тие се спомен на едно време!
Тие се слика за еден идеал на сите важни личности на граѓаните на оваа земја!
Тие претставуваат пресек на едно славно време, кое треба да биде основата за уште поголеми нови успеси на сите граѓани на нашата земја.
Позади мене се наоѓа споменикот на Ченто, човекот кој загина за Македонија!
Личноста која не направи компромис со своите идеали за независна, самостојна и демократска држава!
Борецот во Народно-ослободителната војна не беше разбран од страна на луѓето со кои рамо до рамо војуваше за Татковината!
Некој, во тие времиња, не сакаше да ги прифати неговите големи идеи за демократија, за поголема самостојност и за поголемо достоинство на Македонија!
За жал, таквите негови ставови, овој човек мораше да ги плати со најскапото - со својот живот!
Експресно е уапсен од страна на тогашната власт и уште поекспресно осуден на долгогодишна казна.
Меѓутоа, тука не беше крајот!
Некој сакаше и неговиот спомен да се избрише од колективната меморија на народот на Македонија.
Многу напор беше вложен да се успее во тоа!
Меѓутоа, вистината исплива на површина!
Овој голем великан на вториот македонски илинден - беше рехабилитиран од страна на институциите на демократска Македонија и повторно беше јавно и со гордост прославуван од народот!
Оттаму, денес, потсетувајќи се на биографијата на овој великан, можеме да заклучиме дека секое дело кое е во функција на Македонија - народот го памети и на крајот ќе го награди!
Ниту една недемократска мерка не може да го избрише сеќавањето на народот!
Ниту едно големо народно дело не може да се прикрие со ниту една постапка!
Чадот од секоја испалена бомба во сржта на Македонија, ќе спласне!
Раните ќе заздрават!
Меѓутоа, најважно од сé е што сеќавањето останува!
Тоа е она што мотивира да се истрае и што ќе пече нечија совест во иднината!
Како што денес, семејството на овој голем великан може да се гордее со овој нивен предок, така и оние кои му направија зло, ќе треба да се носат со тежината на своите недела!
Сепак, како народ, имаме обврска да простуваме!
Тоа е она што е нашата основна национална одредница!
Простуваме, но не забораваме!
Драги пријатели,
Во непосредна близина на местото каде денес сме собрани, меѓу другите, се наоѓа паметникот на уште една почитувана личност од македонската илинденска историја.
Тука, на стотина метри од нас е поставен споменикот на Неџат Аголи, човекот, кој, исто така, е голем симбол на вториот илинден.
Член на АСНОМ.
Партизан.
Истакнат правник!
Министер во првата Влада на ослободена Македонија!
Борец за права и за соживот, но, како и Ченто, осуден и осуетен од страна на делови од тогашниот комунистички систем!
Сепак, денес, историјата повторно докажа дека е најдобриот судија.
И неговото дело, како борец за Македонија, денес и во иднина ќе се почитува!
Народот ја даде својата награда!
Македонија, преку овој пример, убаво сведочи дека е земја, која ја граделе сите нејзини граѓани!
Љубовта кон Татковината не познава етничко потекло или верска припадност!
Оваа лекција на илинденците, преку примерот со Аголи, треба постојано да нé потсетува дека меѓуетничките односи се сржта на Македонија!
Имаме огромно наследство на меѓуетнички соживот и хармонија!
Во историјата остануваат забележани безбројни дела кога рамо до рамо Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и сите други ја бранеле Државата!
Овие историски лекции се најдобриот показател дека имаме цивилизациска обврска да ги развиваме овие темели на Татковината.
Добрите меѓуетнички односи се нашиот квалитет, а не недостаток!
Добрите меѓуетнички односи се нашиот плус, а не минус!
Добрите меѓуетнички односи се нешто со што треба да се гордееме, а не да се срамиме!
Драги пријатели,
Од мноштвото паметници, во духот на оваа илинденска прослава, да си спомнеме уште и за делото на Питу Гули, големиот македонски револуционер со влашко потекло - чиј споменик е, исто така, во непосредна близина!
Овој голем син на Македонија на дело ја покажа својата неизмерна љубов кон својата Татковина!
Одбра да се бори и храбро загина заедно со своите соборци!
Ја бранеше и ја одбрани честа на Крушево, а неговото дело денес е уште еден симбол за пожртвуваност и за достоинство.
Затоа, денес, потсетувајќи се на дел од најславните личности на Македонија, мораме да ги повториме познатите заклучоци кои ја красат нашата Татковина!
Граѓаните на Македонија, независно од своите меѓусебни разлики сакаат да живеат во мир и во благосостојба!
Политичарите, пак, слично како и борците за Македонија во минатото, мораат да испорачаат конкретни резултати!
Резултатите и делата се она што останува кога ќе заминеме!
Храброста и пожртвуваноста во остварувањето на ваквите цели е она што народот го очекува од нас!
Ако така се делува, ќе се испишат следните славни страници на македонската историја!
Почитувани пријатели,
Споменатите тројца личности, се само мал дел од плејадата македонски револуционери кои се врежани во битот на граѓаните.
Делата на сите синови и ќерки на Македонија имаме обврска да ги почитуваме и да ги одбележуваме!
Историјата, внимателно, како учителка на животот, ќе ги извади на површина заслугите и на други личности кои се вложиле и се вложуваат за Македонија.
Во оваа смисла, во духот на единството, кое како константа се провлекува во овој, но и во други мои говори, меѓу другите, сакам да си спомнеме, и за делата на уште двајца значајни личности, кои ја обележуваат денешнината.
Ова сметам дека е важно да се направи најмногу заради почит и признание, но, уште повеќе, како порака до денешната генерација политичари дека она што денес се прави, веќе утре влегува во народната историја!
Првиот е припадник на политичката десница, а другиот е припадник на политичката левица во Македонија.
Првиот се вика Драган Богдановски, а вториот се вика проф. д-р Славко Милосавлевски!
Првиот е протеран и малтретиран како македонски патриот, додека вториот е маргинализиран и избркан од работа на правниот факултет во Скопје затоа што бил либерал!
Првиот ги постави темелите на она што денес е модерна политичка десница, додека вториот ги постави темелите на она што денес е модерна политичка левица во Македонија!
Двајцата осуетени и прогонети во минатото, но, исто така, заедно, денес полека се вгнездуваат во историјата!
Нивното наследство, како и времето во кое се бореле и твореле, говори дека, она што денес се случува, со молскавично темпо - ќе се претвори во народно минато!
Историјата не е нешто што го пишуваат победниците, туку народна меморија, која секојдневно ја клесаме во каменот на оваа земја!
Она што денес го правиме, веќе утре е историја, која го поминува народниот филтер!
Драги пријатели,
Членството на Македонија во НАТО е нашиот најголем приоритет.
Со силна вера и посветеност, стоиме рамо до рамо со нашите западни сојузници.
Свесни сме за консталациите кои се причината за овој наш застој, заради што продолжуваме и со напорите за надминување и на последната пречка за наше целосно интегрирање во Алијансата.
Продолжуваме со разговорите со Република Грција за надминување на наметнатиот проблем со нашето уставно име.
Веруваме дека нашите грчки соседи ќе разберат дека Република Македонија и македонскиот народ, ниту биле, ниту некогаш ќе бидат закана за Република Грција.
Членството во Европската унија е следниот голем приоритет за нашата држава!
нашиот нов илинден ќе биде денот кога Република Македонија ќе се интегрира во Европската унија!
На патот до полноправното членство, остваривме голем напредок.
Продолжуваме со иста посветеност да работиме на остварување на големата цел на граѓаните на Република Македонија.
Европската унија не е совршен проект!
Меѓутоа, таа е најдобриот проект за Македонија!
Во контекст на споменатото, сакам да подвлечам на овој голем ден дека вкупниот државен развој продолжува да биде нашиот најголем предизвик.
Мораме да инвестираме уште повеќе во здравството.
Мораме да градиме уште повеќе нови училишта.
Мораме да продолжиме да го поддржуваме македонскиот земјоделец.
Мора да продолжиме да се грижиме за македонските пензионери.
Мораме да продолжиме уште повеќе да инвестираме во нашите млади сограѓани!
Мораме уште повеќе да го поддржуваме мајчинството!
Почитувани пријатели,
Заеднички да го прославиме Илинден.
Тоа е ден за сите нас.
Ова е денот на помирувањето и на единството.
Заеднички да земеме пример и постојано да се сеќаваме на големината на делото на борците за Македонија.
Да застанеме еден до друг!
Да си подадеме рака меѓу себе!
Господ нека ја благослови оваа држава и нејзините граѓани!
Нека е вечен споменот на Илинден.
Нека ни е честит Втори Август!
Да живее Македонија!
Благодарам.

Click