За Собранието


НАДЛЕЖНОСТи НА СОБРАНИЕТО

Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Собранието е еднодомно и го сочинуваат од 120 до 140 пратеници кои се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Мандатот на пратениците трае четири години и тие не можат да бидат отповикани.

Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието.

Собранието на Република Македонија:

  • го донесува и изменува Уставот на Република Македонија;
  • донесува закони и дава автентично толкување на законите;
  • ги утврдува јавните давачки;
  • донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот;
  • донесува просторен план на Републиката;
  • ратификува меѓународни договори;
  • одлучува за војна и мир;
  • донесува одлуки за менување на границите на Републиката;
  • донесува одлуки за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави;
  • распишува референдум;
  • одлучува за резервите на Републиката;
  • основа совети;
  • избира Влада на Република Македонија;
  • избира судии на Уставниот суд на Република Македонија;
  • врши избори, именување и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Устав и со закон;
  • врши политичка контрола и надзор над Владата и над други носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието;
  • дава амнестија и
  • врши други работи утврдени со Уставот.

Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.