За Собранието


ЗАКОН ЗА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

                                                                                                     Член 1

            (1) Со овој закон се уредуваат одделни прашања за функционирањето на Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собранието).

            (2)  Прашањата поврзани со организацијата и функционирањето на Собранието и на работните тела, собраниските постапки, како и други прашања кои не се уредени со овој закон, се уредуваат со Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Деловникот).

                                                                                                      Член  2

            (1) Собранието е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

            (2) Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

            (3) Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.

                                                                                                      Член  3

            (1) Надлежностите на Собранието се остваруваат на начин и во постапка утврдени во Уставот на Република Македонија, Деловникот и закон.

            (2)  Правата и должностите на пратениците се уредуваат со Уставот на Република Македонија, Законот за пратеници, Деловникот и други закони.

                                                                                                    Член 4

            (1) Седиштето на Собранието е во Скопје.

            (2) Собранието има печат.

            (3) Печатот на Собранието има тркалезна форма. Во средината на печатот е грбот на Република Македонија, а околу него е натписот: "Република Македонија - Собрание на Република Македонија - Скопје".

II. ЗАПОЧНУВАЊЕ И ПРЕСТАНУВАЊЕ НА МАНДАТОТ И НЕСПОЈЛИВОСТ НА ФУНКЦИЈАТА ПРАТЕНИК СО ВРШЕЊЕ НА ДРУГИ ЈАВНИ ФУНКЦИИ ИЛИ ПРОФЕСИИ

                                                                                           Член  5

(1) Мандатот на пратениците го верифицира Собранието.

 (2) Мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години.

(3) Доколку Собранието не го верифицира мандатот на пратеникот, се смета дека тој не е избран за пратеник.

(4) Со верификацијата на мандатот пратеникот стекнува права и должности  утврдени со Уставот, со закон, Деловникот и со други прописи и општи акти.

(5) Начинот, постапката за верификацијата, како и причините поради кои Собранието може да не го верификува мандатот на пратеникот се уредуваат со Деловникот.

                                                                                            Член  6

 (1) На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако:

 1)    поднесе оставка;

2)    е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години;

 3)    настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник;

 4)    му престане државјанството на Република Македонија;

5)    со правосилно решение биде лишен од деловната способност и

 6)    во случај на смрт.

(2) Ако пратеникот поднесе оставка, Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанал мандатот од денот на одржувањето на таа седница.

(3) Мандатот на пратеникот му престанува со денот на настанувањето на случаите од ставот (1) точки 2, 3, 4, 5 и 6  на овој член, а Собранието тоа го констатира на првата наредна седница.

(4) На пратеникот му престанува мандатот кога Собранието му го одзема мандатот согласно со Уставот.

(5) Мандатот на пратеникот му престанува во случаите од ставот (4) на овој член на денот на одржувањето на седницата на Собранието на која е донесена одлуката за одземање на мандатот.

                                                                                              Член  7

(1) Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално.
(2) Функцијата пратеник е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии, утврдени со закон.

III. ОРГАНИЗИРАЊЕ, УСЛОВИ ЗА РАБОТА И ПОДАТОЦИ ЗА ИМОТНА СОСТОЈБА НА ПРАТЕНИЦИТЕ 

 1.  Услови за работа на пратениците

                                                                                            Член 8

            Пратеникот освен редовната работа за време на одржување на  седниците на Собранието и неговите работни тела остварува:

            - контакти со граѓани,

            - контакти и консултации со невладини организации,

            - контакти, соработка и консултации со Синдикатот и со здруженија на граѓани,

            - соработка со меѓународни организации и                                                         

            - други активности од надлежноста на Собранието.

                                                                                           Член  9

            (1) На пратеникот во вршењето на пратеничката функција, Службата на Собранието му обезбедува стручни, административни, технички и други услуги.

            (2) Секоја пратеничка група во Собранието во зависност од бројот на пратеници и определен број на независни пратеници имаат право да ангажираат надворешни соработници.

            (3) Бројот на надворешни соработници, согласно со принципот на секои пет пратеника следува еден надворешен соработник, како и средствата за нивно ангажирање ги определува Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија.

            (4) Лицата од ставот (2) на овој член се ангажираат за времетраење на мандатот на пратениците врз основа на договор што го склучува генералниот секретар на Собранието.

            (5) Средствата за ангажирање на надворешните соработници од ставот (3) на овој член се обезбедуваат од средствата на Собранието во Буџетот на Република Македонија.

                                                                                         Член  10

            На пратеникот за време на вршењето на пратеничката функција му се овозможува користење на информативни и документациони материјали, како и комуникациони врски во Собранието.

                                                                                        Член  11

            (1) Органите на локалната самоуправа им обезбедуваат еднаква помош на пратениците во извршувањето на нивната функција.

            (2) Органите од ставот (1) на овој член му обезбедуваат на пратеникот работна просторија и услови за контакт со граѓаните од неговата изборна единица.   

2. Организација на пратениците во пратенички групи

                                                                                        Член 12

           (1) Пратениците во Собранието можат да се организираат во пратенички групи.

           (2) Пратеничката група  ја сочинуваат најмалку петмина пратеници кои припаѓаат на една или повеќе политички партии.

           (3) Пратеникот може да биде член  само на една пратеничка група.

           (4) Пратеничката група определува координатор на пратеничката група и до двајца заменици.

           (5) Пратеничката група на претседателот на Собранието му доставува список потпишан од секој член на групата, координаторот и неговиот заменик.

            (6) Пратеничката група има право да користи посебна просторија, согласно со бројот на пратениците.

            (7) Пратеничката група има право на стручна помош од Стручната служба на Собранието и од посебни организациони единици за поддршка на пратениците.

            (8) Пратеничката група има право и на непосредна стручна помош согласно со бројот на пратениците за време на траењето на мандатот согласно принципот од членот 9 став (3) на овој закон.

           (9) За организирањето на пратеничката група, како и за промената на составот на пратеничката група, на координаторот и неговиот заменик, се известува претседателот на Собранието, кој за тоа ги известува пратениците.

                                                                                      Член 13

 Пратениците имаат право да ги користат просториите во Собранието, што им се дадени на располагање за работа и состаноци, согласно со актот за внатрешниот ред на Собранието.

                                                                                      Член 14

            (1) Пратениците можат да се организираат во Клуб на пратеници.

            (2) Организацијата, задачите и начинот на работа на Клубот на пратениците се уредуваат со правилата на Клубот.

3. Податоци за имотната состојба на пратениците

                                                                                       Член  15

          (1) Пратеникот е должен најдоцна во рок од 30 дена од верификацијата на мандатот да пополни анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки.

         (2)  Пратеникот е должен да пополни анкетен лист во рок од 30 дена по престанокот на мандатот.

        (3) Доколку пратеникот  во рок од 30 дена по престанокот на мандатот биде избран  или именуван на иста или на друга функција е должен да ја извести Државната комисија за спречување на корупцијата за новиот избор или именување, а анкетниот лист од ставот (2) на овој член ќе се смета за анкетен лист доставен во рокот од ставот (1) на овој член.

       (4) Анкетните листови од ставовите (1) и (2) на овој член и изјавата од ставот (1) на овој член пратеникот ги доставува  до Државната комисија за спречување на корупцијата и Управата за јавни приходи. 

                                                                                       Член 16

            Податоците од анкетните листови на пратениците претставуваат информации од јавен карактер освен податоците заштитени со закон и се објавуваат согласно со закон.

IV. ПРЕТСЕДАТЕЛ И ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИ НА СОБРАНИЕТО 

                                                                                      Член 17         

            (1) Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието.

            (2) Бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.

            (3) Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на политичката партија застапена во Собранието која е најголема опозициона партија.

            (4) Постапката за избор на претседател и потпретседатели на Собранието е уредена со Деловникот.  

                                                                                      Член 18

            Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот и врши други работи утврдени со Уставот, Деловникот и закон.  

                                                                                     Член 19

            Потпретседателите на Собранието му помагаат на претседателот на Собранието во работата, го заменуваат во случај на спреченост или отсуство и вршат други работи од неговиот делокруг.

V. ПАРЛАМЕНТАРЕН НАДЗОР

Надзорни расправи

                                                                                           Член 20

            (1)  Надзорна расправа се одржува со цел да се добијат информации и стручни мислења за прашањата од делокруг на матичното работно тело во врска со со утврдувањето и спроведувањето на политиката, извршувањето на законите и другите активности на Владата и на органите на државната управа.

            (2) Надзорната расправа ја спроведува матичното работно тело на Собранието кое може на седница да покани овластени претставници на Владата или на органите на државната управа и да побара од нив информации и појаснувања што се предмет на надзорната расправа.

            (3) На надзорната расправа можат да бидат поканети и други лица кои можат да дадат информации за прашањата што се предмет на надзорната расправа.

            (4) Поканетите овластени претставници имаат обврска да присуствуваат на седницата на која ќе се одржи надзорната расправа.

            (5) За одржувањето на надзорната расправа, претседателот на работното тело го известува претседателот на Собранието. Претседателот на Собранието за одржувањето на надзорната расправа писмено ја известува Владата. Со известувањето претседателот на Собранието ќе побара Владата да определи овластен претставник  (претставници) за прашањата што се предмет на надзорната расправа.

            (6) Претседателот на матичното работно тело овластениот претставник на Владата или на органите на државната управа, писмено го поканува на седницата на работното тело на која ќе се одржи надзорната расправа и го известува за прашањето кое е предмет на расправата и може од него да побара информациите, мислењата и ставовите да ги достави и во писмена форма најдоцна три дена пред денот на одржувањето на седницата на телото.

            (7) Средства за одржување на надзорни расправи се обезбедуваат од средствата на Собранието предвидени во Буџетот на Република Македонија.

            (8) За одржувањето на надзорната расправа јавноста се информира преку веб страницата на Собранието и Собранискиот канал.

                                                                                     Член 21

            (1) Иницијатива за одржување на надзорна расправа може да покрене еден член од матичното работно тело.

            (2) За одржување на надзорна расправа работното тело одлучува со мнозинство гласови од присутниот број членови, а најмалку со една третина од вкупниот број членови.

            (3)  Доколку 15 пратеници во писмена форма побараат одржување на надзорна расправа, преку претседателот на Собранието до претседателот на работното тело, тогаш претседателот на работното тело е должен веднаш да  свика нејзино одржување.

            (4) Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи може до претседателот и членовите на работното тело да даде препорака за одржување на определени надзорни расправи.

                                                                                    Член 22

            (1) Во текот на надзорната расправа, членовите на матичното работно тело и пратеници кои не се членови на матичното работно тело можат да поставуваат прашања до овластените претставници на Владата или на органите на државната управа поканети на расправата, само во врска со прашањето кое е предмет на расправата.

            (2) Во текот на надзорната расправа, со повиканите лица кои ги обезбедуваат информациите може да се води дискусија само ако е неопходно да се усогласат или појаснат конкретни прашања и факти.

            (3) Матичното работно тело одлучува за времетраењето на расправата при што се обезбедува учество на секој член на матичното работно тело во расправата. 

                                                                                     Член 23

            (1) Надзорната расправа, по правило, се снима фонографски и за истата се води записник, а технички и други исправки можат да се направат во договор и во согласност со лицето чија изјава е во прашање.

            (2) Работното тело до Собранието доставува извештај за одржаната надзорна расправа во кој е внесена суштината на излагањата, а може да предложи и заклучоци кои се доставуваат и до Владата на Република Македонија.

            (3) Заклучоците од надзорната расправа се објавуваат на веб страницата на Собранието.

VI. КООРДИНАЦИЈА НА РАБОТАТА НА СОБРАНИЕТО

                                                                                           Член 24

            (1) Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи секој понеделник одржува редовна координативна средба.

            (2) Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи по потреба може да одржува и ад хок координативни средби.

            (3) Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи врши усогласување на распоредот за работа на работните тела во Собранието.

            (4) Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи прави годишна проекција за одржување надзорни расправи во поглед на нивниот број, динамика на одржување и други аспекти согласно со средствата и условите со кои располага Собранието во тековната година.

            (5) Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи врши консултации по определени предлози на закони.

            (6) Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи усогласува ставови и насоки за работата на посебна организациона единица (парламентарен институт).

            (7) Претседателот на Собранието донесува Правилник за работењето на координативните средби со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

VII. РАСПОЛАГАЊЕ СО СРЕДСТВАТА

                                                                                            Член 25

            (1) Собранието располага и набавува недвижни и движни ствари кои му се неопходни за остварување на своите надлежности.

            (2)  Начинот на располагање и набавување на недвижните и движните ствари, како и евидентирањето и попишувањето на имотот и другите прашања се уредуваат со акт на Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија.

            (3) Договорот за продажба, размена, давање под закуп или на користење на недвижни и движни ствари и договорот за набавка на недвижни ствари го склучува генералниот секретар, со согласност на претседателот на Собранието, а по претходно прибавено мислење од Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија.

            (4) Претседателот на Собранието и генералниот секретар се одговорни за законско користење на стварите од ставот (1) на овој член.

            (5) Пратениците, именуваните и избрани лица, како и вработените во Службата на Собранието, при извршувањето на својата функција, односно работни задачи, се одговорни за совесно и наменско користење на стварите.

VIII. БУЏЕТ НА СОБРАНИЕТО

                                                                                               Член 26

            (1) Во Собранието се основа Буџетски совет на Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Буџетскиот совет).

            (2) Буџетскиот совет има претседател, заменик претседател и девет члена од редот на пратениците на Собранието, во зависност од бројот на пратеничките групи и од бројот на пратениците во пратеничките групи.

            (3) Претседател на Буџетскиот совет е еден од потпретседателите на Собранието, а заменик претседател е претседателот на Комисијата за финансирање и буџет.

            (4) Составот на Буџетскиот совет го утврдува Собранието со одлука.

                                                                                              Член 27

            (1) Буџетскиот совет ги има следниве надлежности:

            - утврдува стратешки приоритети на Собранието за наредната година и нивно вклучување во Буџетот на Република Македонија со предлагање на посебни програми и потпрограми,

            - дава упатства и насоки за подготвување на предлогот на буџетските барања и потребите за работа на Собранието,

            -предлага на Владата на Република Македонија во соработка со Министерството за финансии максимален износ на средства за Собранието за наредните три фискални години,

            - го следи извршувањето на расходите во Буџетот на Собранието на Република Македонија и предлага прераспределба на средствата во рамките на одобрените средства со Буџетот на Република Македонија,

            - донесува деловник за својата работа и

            - врши други работи утврдени со закон.

            (2) Буџетскиот совет покрај надлежностите утврдени во ставот (1) на овој член утврдува и стратешки приоритети на Собранието најмалку за наредните три години.

                                                                                              Член 28

            (1) Буџетскиот совет во постапката за изготвување на Буџетот на Република Македонија врши постојани консултации и усогласувања со Министерството за финансии и со Владата на Република Македонија, во врска со финансиската проекција на потребни средства на Собранието и се грижи за финансиските потреби на Собранието.

            (2) На седниците на Буџетскиот совет на кои се утврдува финансиската проекција на потребни средства на Собранието задолжително присуствува министерот за финансии.

                                                                                            Член 29

            (1) Буџетскиот совет работи на седници, кои ги свикува и со нив претседава претседателот на Буџетскиот совет.

            (2) Во случај на спреченост на претседателот на Буџетскиот совет, седниците на Буџетскиот совет ги свикува заменикот на претседателот.

            (3) На седниците на Буџетскиот совет, без право на одлучување, присуствуваат генералниот секретар на Собранието и раководителот на Секторот за финансиско-материјално работење на Службата на Собранието, или лице од Секторот кое тој ќе го определи.

                                                                                           Член 30

            Буџетскиот совет зазема ставови со мнозинство гласови од присутните членови, а најмалку со една третина од вкупниот број членови.

                                                                                           Член 31

            Стручно-административните работи за Буџетскиот совет ги врши Службата на Собранието.

IX. СОБРАНИСКИ КАНАЛ

                                                                                           Член 32

            (1) Собранието има програмска одговорност за емитување на програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на Собранието.

            (2) Собранискиот канал ги информира и образува граѓаните за политичкиот живот, преку парламентарни, образовни и граѓански програми.

            (3) Собранискиот канал емитува програми од интерес за социјалната кохезија, меѓуетничкиот соживот, културните разлики и борбата против сите видови дискриминација и нуди програми кои ја одразуваат разноликоста на македонското општество.

            (4) Собранискиот канал се грижи за обезбедување на политичката рамноправност и соодветна јазична застапеност во емитуваните програми.

            (5) Собранието обезбедува услови за пренос на дигитален ТВ сигнал до крајните  корисници (гледачи). 

                                                                                            Член 33

            (1) Собранието основа Совет на Собранискиот канал кој го сочинуваат 11 члена од кои шест пратеници од парламентарното мнозинство и четири пратеници од парламентарната опозиција.

            (2) На предлог на претседателот на Собранието потпретседателот на Собранието од редот на опозицијата е претседател на Советот на Собранискиот канал.

            (3) Членовите на Советот на Собранискиот канал имаат свои заменици предложени и избрани по истиот критериум како и членовите.

            (4) Во работата на Советот на Собранискиот канал учествуваат и претставници на ЈП Македонска радио-телевизија, а по потреба и надворешни членови - експерти од оваа област, без право на глас.

            (5) Советот на Собранискиот канал се состанува најмалку на три месеца.

                                                                                            Член 34

            Членовите на Советот на Собранискиот канал ги избира Собранието.

                                                                                           Член 35

            (1) Советот на Собранискиот канал разгледува прашања од функционирањето на Собранискиот канал, а особено:

            - ги разгледува и усвојува реализацијата на програмата, финансиското и инвестиционото работење во тековната година,

            - донесува програмски, финансиски и инвестиционен план на Собранискиот канал за наредната година и

            - обезбедува емитување на активностите на Собранието преку програмскиот сервис - Собранискиот канал.

            (2) Трошоците за создавање на програмскиот сервис  наменет за емитување на активностите на Собранието се обезбедуваат од Собранието.

X. КОНТАКТИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ СО ГРАЃАНИТЕ ВО ИЗБОРНИТЕ ЕДИНИЦИ

                                                                                         Член 36

            (1) Собранието во соработка со единиците на локалната самоуправа обезбедува соодветни услови за оставрување контакти на пратеникот со граѓаните во неговата изборна единица. 

            (2) Секој последен ден во работната недела (петок) се определува како ден за контакти на пратенците со граѓаните и избирачите во изборните единици.

            (3) Собранието во денот определен во ставот (2) од овој член по правило не одржува пленарни седници, седници на работни тела и активности на пратенички групи за соработка со паралменти на други држави, освен во итни и неодложни ситуации.

            (4) Средствата за остварување контакти на пратениците со
граѓаните од ставот (1) на овој член се обезбедуваат од средствата на Собранието во Буџетот на Република Македонија за што акт донесува Буџетскиот совет на Собранието.

XI. ПОТПИШУВАЊЕ И ОБЈАВУВАЊЕ НА АКТИТЕ 

                                                                                    Член 37

            (1) Текстот на законот не се потпишува.

            (2) Другите прописи и општи акти што ги донесува Собранието, ги потпишува претседателот на Собранието.

            (3) Актите што самостојно ги донесуваат работните тела ги потпишува претседателот на телото што го донело актот.

                                                                                    Член 38

            (1) Претседателот на Собранието, истиот ден по донесувањето,  законот го доставува до претседателот на Републиката заради потпишување на указот за прогласување на законот.

            (2) Во рок од седум дена од денот кога ќе му биде доставен законот заради потпишување на указот на законот, претседателот на Републиката го потпишува указот за прогласување на законот или писмено го известува претседателот на Собранието доколку одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот.

            (3) Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот.

            (4) По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.

                                                                                     Член 39

            Законите, другите прописи и општи акти пред да влезат во сила се објавуваат во "Службен весник на Република Македонија".   

XII. СЛУЖБА НА СОБРАНИЕТО

                                                                                   Член 40

           (1) Стручните и други работи за потребите на Собранието, работните тела и пратениците ги врши Службата на Собранието.

           (2) Организацијата, задачите и работата на Службата се утврдува согласно со закон.

                                                                                  Член 41

            (1) Со Службата раководи генералниот секретар на Собранието, што го именува Собранието.

            (2) Собранието именува еден или повеќе заменици на генералниот секретар на Собранието.

            (3) Генералниот секретар на Собранието при вработувањето во стручната служба на Собранието обезбедува примена на начелото на соодветна и правична застапеност на сите нивоа и почитување на критериумот на стручност и компетентност.

                                                                                Член 42

            (1) За зајакнување на својот законодавен и надзорен аналитичко-истражувачки капацитет Собранието основа посебна организациона единица (парламентарен институт).

            (2)  Работата на посебната организациона единица од ставот (1) на овој член се уредува со посебен акт кој го донесува генералниот секретар, врз основа на усогласени ставови и насоки од координацијата на претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

            (3) Посебната организациона единица (парламентарен институт) претставува истражувачки центар кој на пратениците им обезбедува навремени, објективни и независни стручни истражувања и анализи за извршувањето на пратеничката функција.

            (4) При ангажирањето на лицата во парламентарниот институт треба да се води сметка за примената на начелото на правична и соодветна застапеност на сите нивоа врз основа на почитување на критериумот на стручност и компетентност.

            (5) Пратениците кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, материјалите кои ги изготвува парламентарниот институт ги добиваат и на нивниот јазик и писмо. На барање на пратеник материјалите се преведуваат и на други светски јазици.

            (6) Парламентарниот институт соработува со органите на државната управа и други институции во функција на навремено прибирање материјали и информации кои немаат карактер на доверливост.

            (7) Управување и надзор над работата на парламентарниот институт врши Управувачки совет составен од координаторите на пратеничките групи, генералниот секретар на Собранието и други претставници определени од страна на координацијата на претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

            (8) Посебната организациона единица (парламентарен институт) за своето работење доставува годишен извештај до Управувачкиот совет и до претседателот на Собранието.

            (9) Собранието обезбедува услови за примена на е-парламент во своето работење.

            (10) Собранието обезбедува услови за работа на парламентарната библиотека. 

XIII. ОДРЖУВАЊЕ НА РЕДОТ ВО СОБРАНИЕТО

                                                                                             Член 43

            (1) Одржувањето на редот во зградата на Собранието и во просториите во кои работи Собранието го обезбедува посебна служба. Лицата од посебната служба за одржување на редот во зградата на Собранието на  истакнато место на облеката носи обележје на Собранието на Република Македонија.

            (2) Овластените службени лица на органите на државната управа не можат без одобрение од претседателот на Собранието да имаат пристап во просториите од ставот (1) на овој член, ниту да преземаат мерки спрема пратениците, работниците во Службата и спрема други граѓани.

            (3) Носење оружје во зградата на Собранието не е дозволено, освен за лицата овластени за одржување на редот во зградата на Собранието.

            (4) За одговорноста за нарушување на редот во Собранието од страна на пратениците и надворешни лица кои учествуваат во работата на Собранието одлучува и донесува мерки претседателот на Собранието по претходна консултација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

            (5) За одговорноста за нарушување на редот во Собранието од страна на вработените во стручната служба и надворешни лица поканети со нив,  спроведува и изрекува соодветни мерки генералниот секретар на Собранието согласно со закон.

XIV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

                                                                                                  Член 44

            (1) Актите утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

            (2) До донесувањето на  актите од ставот (1) на овој член се применуваат постојните  акти, доколку не се во спротивност со овој закон.

                                                                                                   Член 45

            (1) Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи одредбата од членот 18 на Законот за пратеници ("Службен весник на Република Македонија" број 84/2005 и 161/2008). 

            (2) Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Одлуката за основање на Буџетски совет на Собранието на Република Македонија ("Службен весник на Република Македонија" број 77/2008).

            (3) Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Одлуката за основање на Совет на Собранискиот канал ("Службен весник на Република Македонија" број 17/2006, 107/2006 и 80/2008) освен одредбата на членот 2 став (1) која ќе се применува до наредниот парламентарен состав.

                                                                                                  Член 46

            (1) Одредбата од членот 9 на овој закон ќе почне да се применува од 1 јануари 2010 година.

            (2) Ставовите (1) и (2) од членот 33 на овој закон ќе почнат да се применуваат од наредниот парламентарен состав.

            (3) Буџетскиот совет на Собранието во рок од шест месеца од влегувањето во сила на овој закон ќе ги утврди недвижните и движни ствари со кои ќе располага Собранието. 

                                                                                                  Член 47

           Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија".  

 

 


симни го законот за Собрание на РМ