ЈОВАН МИТРЕСКИ


Јован Митрески е роден на 20 ноември 1980 година, во Струга, Република Северна Македонија. Основното образование го завршува во Струга, во 1995 година во ОУ „Браќа Миладиновци“. Своето образование го продолжува во средното училиште ДСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, каде матурира во 1999 година. Во 1999 година се запишува на Економскиот факултет на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, каде дипломира во 2004 година на економско, статистичко, кибернетски смер.

Веднаш по дипломирањето, Митрески одлучува професионалната кариера да ја започне и да ја развива во својата родна Струга, каде што прво почнува да работи како сметководител и овластен сметководител, за потоа во 2006 година да го основа и да биде управител на Трговско друштво од областа на сметководствените книговодствените и ревизорските работи, како и во областа на даночното советување.

Развојот на економските науки, како и економските процеси како основа за развој и унапредување на државата ги следи со внимание и по неговото дипломирање, поради што во 2007 година го прифаќа предизвикот да работи со младите и станува професор по стручни економски предмети во СОУ „Нико Нестор“, во Струга. Како професор дава значаен придонес во образованието и воспитувањето на идните генерации, кои се столбот на напредокот на една држава. 

Желбата да направи многу повеќе за развојот на Струга, но и за економскиот и демократскиот напредок на земјата го мотивира од 2014 година да почне и професионално политички да се ангажира, кога за прв пат е избран за пратеник во Собранието од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Во овој мандатен период Митрески е претседател на собраниската Комисија за труд и социјална политика, а како заменик член активно учествува во работата на Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за надзор на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање  и на Агенцијата за разузнавање, Комисијата за финансирање и буџет, како и Комисијата за образование, наука и спорт.

Во рамки на меѓународните активности на Собранието, во делот на развивање на добри билатерални односи, Митрески е член и е активен во пратеничките групи на Собранието за соработка со парламентите на Република Албанија, Украина и Кина.  

Во 2016 година, Митрески повторно е избран за пратеник во Собранието. Во текот на овој парламентарен состав тој е именуван за заменик координатор на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, а на почетокот на 2019 година станува координатор. Во овој исклучително значаен период за демократскиот развој на државата, Митрески даде значаен придонес во унапредувањето на нашата држава и на домашен и на меѓународен план.

Како заменик координатор, а потоа и како координатор имаше клучна улога во усвојувањето на социјалната реформа во државата преку која се обезбеди подобрување на животниот стандард на најранливите категории граѓани. Беше вклучен и во економските реформи на државата кои значеа унапредување на животниот стандард на граѓаните, подобрување на условите за економски напредок и инвестиции.

Со својата активност Митрески беше вклучен и во процесот на Ратификацијата на Северноатлантскиот договор. На 11 февруари 2020 година, при Ратификацијата од собраниската говорница тој порача: „Ова е момент кој ја дефинира нашата иднина, стабилност и просперитет. Со ова се дава пример како се решаваат децениски спорови и се градат добрососедски односи. Ако се има визија, иднината е загарантирана. Членството во НАТО носи повеќе инвестиции, зголемен број на работни места, подобар животен стандард овде, а не за живеење во странство“.

Митрески во овој мандатен период беше вклучен во работата на Комисијата за финансирање и буџет, како и Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. Во рамки на меѓународните активности тој беше дел од делегацијата на Собранието на Република Македонија во Интерпарламентарна унија (ИПУ), како и во пратничките групи на Собранието за соработка со Парламентите на Украина, Малта, Кипар, Албанија и Иран.

На парламентарните избори што се одржаа во јули 2020 година Митрески го започнува својот трет мандат како пратеник во Собранието на Република Северна Македонија. Тој повторно е избран за координатор на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата.

Во периодот кога нашата држава, а и целиот свет се соочуваа со пандемијата од Ковид 19, што предизвика и светска економска криза, Митрески како координатор на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата и како дел од парламентарното мнозинство успешно го менаџираше процесот на усвојување на здравствените и економските мерки, кои обезбедија успешно справување со здравствената и економската криза. 

Митрески даде значаен придонес и во Дијалогот „Жан Моне“, преку кој Собранието на Република Северна Македонија со консензус усвои нов Деловник за работа на Собранието кој ќе почне да се применува со новиот парламентарен состав после парламентарните избори во мај 2024 година.

Во овој парламентарен состав, Митрески со свои активности беше вклучен во Буџетскиот совет на Собранието на Република Северна Македонија, Комисија за прашања на изборите и именувањата, Комисија за економски прашања, Комисијата за финансирање и буџет, како и Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање.

На меѓународен план претседаваше со пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Украина, беше дел од делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Интерпарламентарната унија (ИПУ), а беше вклучен и во пратеничките групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламентите на Албанија и Народна Република Кина.

Јован Митрески зборува македонски, англиски и српско-хрватски јазик. Живее во својата родна Струга, оженет е и е татко на три деца.

Click