Собраниско раководство

Понеделник, 18 мај 2015 година, Будимпешта

Обраќање на претседателот Вељаноски на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО

Почитувани дами и господа,
Драги пријатели,
На самиот почеток, дозволете да го искажам моето задоволство од можноста да се обратам на овој значаен собир.
Ваквата констатација е дотолку поважна бидејќи станува збор за настан со кој уште повеќе ќе биде зајакната парламенарната димензија без која нато не би бил ваков каков што е.
Македонија, пак, како парламентарна демократија со јасна европска и евроатланска перспектива му се обраќа на секој пријател афирмирајќи ја својата вистина, своите потреби и очекувања.

Почитувани колеги,

Од дамнешните времиња, па сé до денес, сојузите биле склучувани за да се остварат заедничките интереси на учесниците во истите.
Тие се формирале и се формираат и за да се постигне одредена заедничка цел од која бенефит ќе имаат сите вклучени страни во сојузот. 
Меѓутоа, исто толку долго е сосема јасно дека за разлика од обичните сојузи, одржливите алијанси, освен на заедничкиот интерес и очекувања, се темелат и на вредностите.вредностите кои ги промовираме се нашиот план и програма за делување.
Тргнувајќи од оваа основа, денес можеме слободно и со гордост да кажеме дека НАТО како воена и политичка алијанса е најуспешниот сојуз во досегашната светска историја. Овој сојуз е одржлив заради универзалното прифаќање на вредностите како демократијата, човековите права и владеењето на правото од страна на сите земји членки кои го сочинуваат истиот. 
Соработката и солидарноста се вредностите од кои е изградено јадрото на оваа Алијанса.
Охрабрувајќи консултации по прашањата за безбедноста на земјите членки, НАТО несомнено е организација која гради доверба. Во оваа смисла, не случајно, во јубилејниот Вашингтонски договор од 1999 година сосема јасно се истакнува дека: (ЦИТИРАМ) „ЗА ВРЕМЕ НА 40-ГОДИШНАТА СТУДЕНА ВОЈНА НАТО УСПЕВА ДА ЈА ОБЕЗБЕДИ СЛОБОДАТА НА СВОИТЕ ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ... ДЕНЕС, АЛИЈАНСАТА ИМА ЕДНА НЕОПХОДНА УЛОГА ДА ГИ КОНСОЛИДИРА И СОЧУВА ПОЗИТИВНИТЕ ПРОМЕНИ ОД БЛИСКОТО МИНАТО И ДА ИМ СЕ СПРОТИСТАВИ НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА АКТУЕЛНАТА И ИДНАТА БЕЗБЕДНОСТ... ТАА МОРА ДА ГИ СОЧУВА ЗАЕДНИЧКИТЕ БЕЗБЕДНОСНИ ИНТЕРЕСИ ВО ЕДНО ОПКРУЖУВАЊЕ КОЕ ПОСТОЈАНО ЕВОЛУИРА, ЧЕСТО НА НЕПРЕДВИДЛИВ НАЧИН.“ (ЗАТВОРЕН ЦИТАТ)

Драги пријатели,

Во време на глобални промени, во време на тестирање на волјата од страна на светските сили, во време кога под закана е доведена визијата за мирна, слободна и целосна Европа, релевантноста на НАТО е несомнено голема и значајна. во оваа смисла, уште повеќе на значење добива и основната особеност на Алијансата – а тоа е политиката на „отворени врати“.
Република Македонија останува силно посветена на својот дводецениски евро-атлански курс, постојано подржувајќи ги мисиите на Алијансата и посветено исполнувајќи ги сите критериуми за членство во неа.
Република Македонија непрекинато докажува дека го заслужува своето место меѓу еднаквите.
Истовремено, и НАТО како Алијанса на демократии треба да ја сфати важноста и потребата од своето проширување. 
Со натамошно проширување на својот принцип на солидарноста кон државите кои чекаат пред нејзините порти ќе се прати јасна порака дека овој сојуз е сеуште ревносно посветен да ги брани и да ги одбрани слободата и демократијата.
Република Македонија гледа на НАТО како на еден од клучните столбови на модерната европска безбедносна архитектура. 
Република Македонија своето членство во НАТО го смета како трајна обврска, за што во државата постои широк и сеопфатен политички и општествен консензус. Желбата на Република Македонија за членството во Алијансата се раѓа токму од заедничките вредности на народот на оваа држава со народите на земјите членки на овој сојуз.
Уште на самите почетоци, по осамостојувањето на Република Македонија, искажана е искрената заложба за членство во Алијансата.
Мојата земја набрзо исполнувајќи ги сите критериуми, превземајќи ги неопходните реформи прерасна од конзумент во извозник на мир и стабилност.
Уште од 1999 година, Македонија е кандидат за полноправно членство на Алијансата!Долги години стрпливо чекаме да ни бидат отворени вратите на Алијансата.
Веќе трета декада придонесуваме во остварувањето на целите на нато како да сме членови, иако тоа не сме.

Почитувани дами и господа,

Немилите настани во 2001 година, нас во Македонија нé научија важна лекција.Во тие круцијални моменти за стабилноста и безбедноста на нашата држава, пријателите од НАТО алијансата одиграа решавачка улога за што сме и ќе бидеме секогаш благодарни. 
Во оваа смисла, како дополнение во декларацијата од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008та, јасно беше призната нашата посветеност кон вредностите и оперативните активности на НАТО и напредокот во реформскиот процес. Сепак, за наша голема жал, заради непочитувањето на меѓународните договори во кои нашиот јужен сосед се обврзува дека нема да го блокира членството на Република Македонија во меѓународните организации, како држава, сеуште стоиме пред портите на Алијанста.Обесправени, но не и обесхрабрени!
Поучени од минатото, силно посветени на иднината во која се гледаме како полноправна членка во Алијансата, Македонија продолжува со поддршка на НАТО мисиите насекаде низ светот. 
Драги пријатели,
Република Македонија пред една недела се соочи и успешно надмина еден од поголемите безбедносни предизвици. 
Бевме сведоци на професионално изведена полициска акција која разби терористичка група од повеќе од 40 луѓе, организирани да и’ нанесат штета на Македонија, но и на регионот. Оваа Акција, за жал резултираше со загуба на осум припадници на безбедносните сили, додека 37 од нив беа ранети. 
Како народ сеуште во жалење за огромната загуба, уште еднаш на ваков драматичен начин, сме потсетени за потребата од наша поскорешна интеграција во НАТО.
Дологодишниот статус-кво создава простор за најразлични обиди за дестабилизација и затоа е потребно итно да се изнајдат начини да и’ се овозможи напредок на Македонија во евроатлантските интеграции.
Сега повеќе од било кога е особено важно да се врати чувството на сигурност и на безбедност на граѓаните.
Сега повеќе од било кога е важно да се засили обединетоста на внатрешен план, но и регионалната и меѓународната соработка.
Македонија има сила.
Македонија ќе издржи низ овие тешки премрежја.
Македонија ќе продолжи да чекори гордо напред и да напредува.
Ваквите немили настани нема да ја одвратат од својот јасно зацртан пат кон своите стратешки цели!
Почитувани пријатели,
Изминативе години, неуморно се обидуваме да изнајдеме решение за наметнатиот проблем со нашето уставно име.
Стрпливо разговараме и укажуваме дека во нашето име, нашите соседи не може да најдат основа за било каков проблем по нивната стабилност, безбедност или пак некакви територијални претензии.
Оттаму, иако никакво решение не е на повидок, сеуште веруваме дека разумот ќе преовлада и дека овој спор ќе биде надминат. Впрочем, пресудата од Хаг со која јасно беше кажано дека нашата држава во спорот со Грција е сосема во право, ни го дава целото право да го браниме она што е наше и она во што веруваме.
Како држава сме неуморно ангажирани во насока на придвижување на овој процес во меѓународните институции.
Нашиот став по прашањето за името е јасен. 
Нема промена на Уставот со цел промена на уставното име. 
Не прифаќаме идеи и предлози кои го загрозуваат македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура. 
Како и да се одвиваат преговорите понатаму, доколку се изнајдат взаемно прифатливи модели и решенија кои би го одблокирале нашиот евро-атлански прогрес, за тоа ќе мора да се изјаснат македонските граѓани на референдум.
Името на Република Македонија е од огромна важност за сите политички и општествени фактори.
Приморани да стоиме пред вратите на Европската Унија и на НАТО заради овој наметнат и ирационален проблем, секојдневно работиме на продлабочување на регионалната соработка со нашите соседи, продлабочувајќи ги економските, политичките и добрососедските односи. 
Исто така, посветени на нашето стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави, владатите на двете држави одржуваат тесни политички односи. 
Редовно разменуваме информации поврзани со регионалната безбедност. Според договорите меѓу нашите влади, а врз основа на досега изградениот однос, споделуваме информации за какви било потенцијални закани, за земјата и регионот. 
Во ова време на искушенија, во време кога земјите од Балканот се наоѓаат помеѓу огнот на истокот и западот, Македонија, недвосмислено, го потенцира и негува своето стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави. 

Почитувани дами и господа,

За Република Македонија, еден од врвните приоритети продолжува да биде економијата. Резултатите постигнати во досегашниот период, наметнуваат стандарди за работа, кои секоја друга влада треба да ги следи понатаму. 
Зголемување на обемот на капиталните инвестиции, силна фокусираност на привлекување странски директни инвестиции и отворање нови фабрики, подобрување на бизнис-климата, многу посилна поддршка на домашната економија и иноваторството, зголемување на извозот, зголемување на земјоделското производство и неговиот квалитет, силна фокусираност на развој на туризмот и понатаму ќе бидат носечки столбови во политиките во следните години. 
Според извештајот на Светската банка „Дуинг бизнис“, неколку години по ред Македонија е најдобар реформатор во Југоисточна европа и трет реформатор во светот. Македонската економија во 2014 година имаше втор резултат во Европа со пораст од четири проценти. 
Македонија беше на трето место во Европа во 2013 година и во 2011 и во 2010 година.Падот на економијата во кризниот период од 2009 до 2012 година беше најмал од сите земји во Југоисточна Европа.
Сето тоа се должи на нашата отвореност и непосредност.
Бран од нови странски инвеститори доаѓа во слободните економски зони. 
Уште посилна поддршка на инфраструктурната обнова на државата е еден од нашите врвни приоритети.
Покрај изградбата на трите автопати, во следниот период ќе се гради и четврт автопат. Истовремено, на терен во полн ек е и изградбата на нови експресни патни правци, а се реконструираат и градат и останати помали магистрални делници и локални и регионални патишта. 
Истовремено, продолжуваат инвестициите на патните и железничките врски од коридорот 8 и коридорот 10, а освен тоа со несмален интензитет се вложува во реконструкции и изградби на комунална инфраструктура, училишта, градинки и болници. 
Накратко, Македонија забрзано се модернизира!
Препреките не ги доживуваме како основа за разочарувања, туку како причина за уште поголем мотив за работа!
Решени сме ширум да ги отвориме перспективите за сите граѓани.
Решени сме европските вредности да најдат цврста почва и во Република Македонија.
Неуморно работиме и убеден сум дека резултатите се видливи.

Драги пријатели,

Во контекст на безбедноста во овој дел од стариот континент, токму интеграцијата на сите земји од регионот во евроатлантската заедница и силната регионална и билатерална соработка се најдобрите механизми за одговор на заедничките предизвици.Европа не може да биде слободна, безбедна, стабилна и обединета без интеграција на сите земји од западниот балкан.Македонија во континуитет ги поддржува напорите на Алијансата и на ЕУ за развој на демократијата, мирот и еднаквоста, во глобални рамки, а пример за тоа е и децениското учество во мировните операции на овие организации.
Нашите мировници се наши најдобри „амбасадори на мирот“ и повеќе од една деценија се распоредени во меѓународните мировни мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина, Ирак и Либан. 
Придонесот во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ОН останува висок приоритет, толку долго колку што е потребно. 
Мисијата “Решителна поддршка“ претставува нова фаза во поддршката на НАТО за авганистанските безбедносни сили, кои успешно ја имаат превземено одговорноста за борбените операции во нивната земја. 
Само преку политичка солидарност помеѓу нациите, како и решителноста кај сите страни да промовираат мир и демократија, ваквиот успех е возможен. 
Во светски рамки не постои ниту една земја која може самата да се справи со транснационалните безбедносни закани и поради тоа потребна е зајакната регионална соработка меѓу државите, државните институции, невладиниот сектор, експертската и пошироката научна јавност, со цел изнаоѓање на стратегии и механизми за справување со можните предизвици.
Република Македонија, уште од самите почетоци на своето осамостојување, до ден денес, решително и посветено се залага за добивање на своето веќе заслужено членство во Алијансата. 
Република Македонија и дефакто е член на Алијансата. 
Се надевам дека во периодот кој доаѓа, нашите пријатели ќе се одважат да најдат начин, модел или решение, за тоа Република Македонија да седне на масата помеѓу еднаквите.Република Македонија нема друга иднина освен евро-атланската иднина.

Ви благодарам на вниманието.

Click