Собраниско раководство

Петок, 16 октомври 2015 година, Будимпешта, Унгарија

Обраќање на претседателот Вељаноски на 7. Конференција на претседатели на Парламенти на земјите од Западен Балкан, на тема: „Југоисточна Европа на патот кон ЕУ“

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Дами и господа,

На самиот почеток сакам да изразам благодарност до нашиот домаќин, господинот Ласло Ковер, претседател на Националното собрание на Унгарија, за оваа наша повторна средба тука во Будимпешта. Истовремено, сакам да ја истакнам принципиелната политика и поддршка која Унгарија ја спроведува и ја дава кога станува збор за наше целосно интегрирање во Европската Унија и НАТО. 

Почитувани пријатели,

Денес, за сите нас овде присутни, интеграцијата во Европската Унија е стратешка определба. Истовремено, барем кога станува збор за мојата земја Република Македонија, свесни сме дека членството во Европската Унија не претставува некаков поклон, туку тоа бара пред сѐ доследно спроведување на низа реформи кои ги опфаќаат сите сфери на општествено-политичкиот и економскиот живот, односно, целосно прифаќање на европските принципи и стандарди врз кои се темели Европската Унија. 

Секако, динамиката на нивното прифаќање и имплементација зависи од секоја држава поединечно, а со тоа и динамиката на нејзиното приближување, односно асоцијацијата во Европската Унија. 

Сепак би сакал да се задржам на некои принципи и стандарди кои можеме заеднички да ги оствариме, а тоа е пред сѐ соработката на регионално ниво која ги опфаќа сите полиња, од политички, економски, културни, еколошки, па се до оние секојдневни контакти и комуникација на нашите граѓани. Да не заборавиме што сѐ се случува во регионот во изминатиов период, кога сите сме соочени со напливот на бегалци од Блискиот Исток, регионалната соработка денес е особено значајна. Убеден сум дека сите во регионот сме свесни дека само преку дијалог можеме да ги надминеме и билатералните спорови и недоразбирања. Со взаемна почит и соработка да одговориме на предизвиците кои се можеби и дел од процесите на глобализацијата, а со тоа ќе можеме да обезбедиме европска перспектива на целиот регион.  

Затоа, Република Македонија во целост го поддржува дијалогот и преговорите помеѓу Белград и Приштина што се водат под покровителство на Европската Унија, а исто така ги поздравува конкретните чекори на владите во Белград и Тирана за целосна нормализација на нивните билатерални односи, што секако позитивно влијае на целиот регион.

Само да потсетам дека соработката на ниво на регионот има и институционални рамки, а тоа е Централно-европската иницијатива како најстара организација и секако тука е и Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Затоа, сакам да истакнам дека  процесот за соработка во Југоисточна Европа денес израсна во автентичен глас на регионот и е прифатен како адекватен и динамичен форум за дијалог и соработка. 

Сето ова има клучна улога во целосната трансформација на регионот од онаа позната изрека “буре барут“ во зона на мир, стабилност, солидарност и добрососедска соработка. А да не заборавиме, стабилноста и мирот во регионот значи и стабилност и мир во Европа, а и пошироко. 

Дами и господа,

Република Македонија во овие процеси на регионална соработка дала и дава голем придонес. Истовремено, поаѓајки од нашата определба за членство во ЕУ и НАТО, интензивно работиме на потребните реформи односно на целосна хармонизација со европските принципи и директиви. Потврда за ова доаѓа од Брисел, односно од Европската Комисија, која шест години по ред на Република Македонија и дава препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите со Европската Унија за полноправно членство. За жал, нашиот јужен сосед злоупотребувајки ја својата положба на полноправен член, го блокира процесот на нашето зачленување во Европската Унија, односно континуирано ни се повторува Букурешт, кога на самитот на НАТО Република Македонија беше блокирана од страна на Република Грција и не стана полноправен член на Алијансата заедно со Хрватска и Албанија, иако ги исполнивме сите услови. Со ова една членка на Европската Унија, членка на НАТО и членка на Обединетите Нации, перманентно ги крши основните принципи на Европската Унија, ги крши принципите на НАТО и принципите кои произлегуваат од документите на Обединетите Нации. Дури се оди до таму да не се почитува и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг кој е дел од Обединетите нации, со која многу децидно и јасно е кажано дека Грција крши меѓународни документи и принципи со нејзината блокада врз мојата држава, Република Македонија. 

Притоа, верувајте дека е многу тешко да се објасни на граѓаните кај нас како е можно, некој само затоа што е член на Европската Унија, да ги крши принципите и стандардите токму на Унијата и да не ги почитува своите меѓународни обврски. Верувајте тоа делува фрустрирачки на целокупното македонско општество, а убеден сум дека некои проблеми и настани кај нас кои сепак успеваме пред се сами, но и со помош на нашите пријатели од ЕУ да ги решаваме, не би се случиле ако Република Македонија денес беше полноправна членка на НАТО и ако уште пред шест години добиевме датум за отпочнување на преговорите со Европската Унија. Сепак, во Република Македонија постои целосен политички консензус за наше членство во Европската Унија и исполнување на нашите обврски, а што е најважно повеќе од осумдесет проценти од населението ја поддржува оваа наша стратешка определба.

Почитувани колеги,

Иднината на Република Македонија, а верувам и на регионот, односно на Југоисточна Европа, е интеграција во Европската Унија. Сакам да верувам дека и кај сите членки на Европската Унија преовладува определбата на политиката на отворени врати, односно целосна асоцијација на државите од регионот како полноправни членки на Европската Унија. Република Македонија очекува од институциите на Европската Унија доследно да ги почитуваат принципите и условите за прием на нови членови во европското семејство, а тоа се таканаречените Копенхашки критериуми. Секако ова не се однесува само на мојата држава, туку и на сите аспиранти за членство во Европската Унија. Затоа, со право очекуваме Брисел токму врз тие критериуми да го оценува напредокот на секоја држава поединечно. 

Очекуваме да престанат неаргументираните блокади или пак поставување на некакви дополнителни услови кои се надвор од Копенхашките критериуми и воопшто од принципите на Европската Унија и меѓународното право. Не смее билатералните односи, прашања или пак наметнати билатерални спорови и разлики да бидат единствената причина за блокада или за напредок на било која држава во процесот на приклучување кон Европската Унија. Уште помалку, ако Европската Комисија шест пати по ред дава препорака за отпочнување на преговорите, односно отворање на поглавјата, а една држава членка става вето. Искрено се надевам дека Европската Унија ќе смогме сили и ќе го надмине ова во рамките на своите институции. Исто така, искрено се надевам дека нашиот јужен сосед ќе почне суштински да преговара за апсурдниот спор околу нашето уставно име наметнат пред 24 години, и искрено посакувам другите држави од регионот аспиранти за членство во Европската Унија да немаат вакви проблеми со какви што се соочува Република Македонија на својот пат кон членство во Европската Унија. Истовремено, сакам овде уште еднаш да истакнам дека Република Македонија останува посветена на својата стратешка определба за членство во Европската Унија и во НАТО Алијансата и дека ќе продолжи со потребните реформи и усогласувања со европските принципи и директиви. Исто така, и понатаму активно ќе учествува во сите процеси на регионалната соработка во Југоисточна Европа. Во тој дух, а имајќи ги во предвид макро-регионалните стратегии на Европската Унија, апелирам до институциите, но и до државите членки, да ја поканат Република Македонија целосно да биде интегрирана и во Јадранско-Јонските и Дунавските стратегии, како натамошен чекор кон ефективност на макро-регионалните стратегии и соработка.

Ви благодарам за вниманието.

Click