Собраниско раководство

Петок, 25 септември 2015 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод одбележување на 70 годишнината од формирањето на АМСМ

Дами и господа,
Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Точно пред седумдесет години во далечната 1945 година формиран е Автомото сојузот на Македонија или како што сме се навикнале кај нас АМСМ. Во овие седумдесет години Автомото сојузот постојано се надоградуваше и направени се повеќе структурни промени кои ги налагаше општиот развој и новонастанатите потреби. Но, сите овие години како константа останува дека АМСМ е наш и секогаш е тука да ни помогне.

Почитувани пријатели, денес АМСМ има над петнаесет илјади редовни членови, а над 70 илјади возачи ги користат услугите, особено кога станува збор за технички прегледи.

Денес АМСМ е многу значајна, односно водечка организација кога станува збор за безбедноста во сообраќајот и тоа преку едукација на идните возачи и ред други активности кои имаат за цел подигнување на свеста кај граѓаните.

Автомото сојузот на Македонија е активен учесник во Декадата на Обединетите нации 2011-2020 за безбедност на патиштата. Декада која е исполнета со најразлични програми и активности, кои АМСМ многу совесно и редовно ги извршува. Само да споменам некои од нив кои пред се‘ се однесуваат на безбедноста во сообраќајот со акцент на најмладите. Акцијата наречена „Пијани очила“ која има за цел да ја подигне свеста пред се кај младите возачи за опасностите при возење под дејство на алхокол. Понатаму, акцијата „Со велосипед низ целиот град“ која беше насочена кон зголемување на безбедноста на велосипедистите како учесници во сообраќајот. Во овие седумдесет години реализирани се безброј вакви и слични акции, активности и конкретни проекти насочени кон едукација на сите учесници во сообраќајот со цел да имаме максимално безбеден сообраќај. 

Тоа што е важно и што треба да се истакне е тесната соработка која што АМСМ ја има со другите државни институции, како Министеството за транспорт и врски, Министерството за Внатрешни работи, Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и ред други.Во оваа пригода сакам да истакнам уште една димензија која е исто така значајна во вашето работење. Ние како држава се повеќе го развиваме туризмот, а во исто време сме и транзитна рута која се повеќе ја користат туристите, но и воопшто патниот собраќај (товорен и патнички). Токму затоа многу е битно вие како организација какви услуги ќе им пружите на сите овие учесници во сообраќајот од влезот на нашата држава, за време на нивниот престој кај нас, па се до излезот. Мислам дека тука преку најразлични акции во соработка со автомото сојузите од Европа, вие се покажавте и како успешни амбасадори и промотори на туризмот кај нас.

Секако, за успешна работа потребни се лица кои се добро обучени и предани на својата работа, како и добар менаџмент кој сето тоа ќе го организира и води. Секој од нас кој имал било каков контакт со вработените во АМСМ ќе потврди дека тие навистина се стручни, љубезни и предани на својата работа. Затоа, би сакал на крајот најискрено на сите вработени да им го честитам овој убав јубилеј и да им посакам и понатаму успешна работа, лична среќа и уште многу вакви јубилеи во иднина. Ви благодарам на вниманието. 

Click