Собраниско раководство

Петок, 24 јануари 2014 година, Загреб, Хрватска

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ВО ХРВАТСКИОТ САБОР

Почитуван претседател Јосип Леко,
Почитувани пратеници,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Најнапред дозволете да го споделам моето искрено задоволство од можноста што ја имам, во името на граѓаните на Република Македонија, да се обратам пред овој ценет собор.
Со огромен пиетет и почит стојам тука пред Вас, претставниците на хрватскиот народ и граѓани.
Чувството на задоволство е дотолку поголемо, бидејќи со себе ги носам за да ги споделам со вас, искрените изрази на пријателство и почитување од граѓаните на мојата држава, Македонија.
Македонците и Хрватите имаат безброј причини за задоволство од квалитетот на меѓусебните односи
.

Официјално Скопје и официјален Загреб, како и во минатото, така и денес, но и во годините пред нас, претставуваат добар пример како, тука, на Балканот, се гради и се одржува едно искрено пријателство.

Почитувани пријатели,

Македонскиот и хрватскиот народ имаат слична судбина.
Судбина преполна со тешки мигови, големи падови, но и силни национални успеси.
Судбина исполнета со настани, кои денес се единица-мерка за пожртвуваност и за силна верба во една посветла иднина.

Наследството на СФРЈ е наш заеднички именител.
Тука нашата историја доби нова смисла.
И во однос на добрите, но и во однос на лошите аспекти од овој систем.

Независно од сите успони и падови кои ги имаше нашата поранешна заедничка држава, со задоволство констатирам дека Хрватска секогаш ѝ беше искрен пријател на Македонија во тие социјалистички времиња, но и Македонија исто така и беше искрен пријател на Хрватска.

Новиот либерализам што дуваше од Загреб или од Љубљана силно одeкнуваше и во Скопје.

Новите „ветришта на промените“, кои беа меѓу најсилните во Хрватска придонесоа да се забрзаат процесите кои доведоа до стекнување на македонската независност.

Во оваа смисла, Декларацијата за независност на Хрватска од јуни 1991 година придонесе три месеци подоцна и македонскиот народ да се одлучи на истиот чекор со донесувањето на сопствена декларација за сувереност.

Потоа следуваа мачните процеси на вообличување на оваа сувереност и самостојност, кои, за огромна жал, во Хрватска имаа драматична форма.

Затоа, од ова место, сакам да упатам изрази на најдлабока почит за пожртвуваноста на хрватскиот народ, но, истовремено, да оддадам и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите кои се вгнездија во олтарот на вашата слобода.

Истовремено, како што доликува, сакам да повикам овие настани повеќе никогаш да не се повторат и да бидат важна лекција за нас кои сме тука со векови и кои мораме да соработуваме и да се почитуваме.

Почитувани,

Хрватска беше меѓу првите држави кои ја признаа независноста на Република Македонија.
Тоа се случи на 12 март 1992 година.
За нас, во Македонија, тоа е чин кој најдобро сведочи за квалитетот на нашите меѓусебни односи.

Благодариме и за начинот на кој Хрватска го третира македонското национално малцинство низ годините до денес.
Неизмерно сме благодарни за целата помош и поддршка која ја добиваат Македонците во Хрватска.
Тие имаат свои здруженија, а исто така, во неколку училишта во Хрватска се изучува и македонскиот јазик.

Исто така, вредно е да се спомене и да искажеме благодарност што Хрватска официјално ја призна и Македонската православна црква, која е тука за да ги сервисира верските потреби на Македонците.

Ваквиот однос кон македонското малцинство е потврда дека за демократска Хрватска, како и за нас, во Македонија, малцинствата се мост кој нè спојува.

Истовремено, тоа ние го сфаќаме и како обврска македонските државни институции, со истата сериозност и грижа да продолжат да се однесуваат кон припадниците на хрватското малцинство во Република Македонија.

Многу исчекори направивме на овој план и, верувам, дека нашите две држави полека стануваат пример како една демократска власт треба и мора да се однесува кон припадниците на различните малцински етнички и верски групи.

Драги пријатели,

Македонија и Хрватска, освен заедничкото минато, споделуваат и заеднички проекции за иднината.
Иднината ни е заедничка.
Таа извира од длабоките хумани вредности кои се карактеристика на регионот во кој живееме.

Македонија и Хрватска, кои толку многу му дадоа на европскиот континент низ историјата, имаат обврска, но и право да станат составен дел од сите облици на безбедносна, економска, политичка и секаква друга интеграција.

Заедно го врвевме патот кон полноправното членство во НАТО Алијансата.
Зaеднички ги спроведувавме мачните и тешки реформи во одбранбениот и безбедносниот сектор.
Заеднички учествуваме во меѓународните НАТО мисии за сочувување на меѓународниот мир и вредностите на Алијансата.
Даваме големи жртви на овој пат затоа што силно веруваме дека тоа е единствената алтернатива за нас.

Сепак, за разлика од Хрватска, која стана членка на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Македонија тоа не го направи.
Независно од фактот што, како и вие, ги исполнивме сите услови, не успеавме да станеме дел од Алијансата.
Причините за тоа се добро познати.
Тоа е непринципиелниот однос кој со години го трпиме заради тоа што се викаме Македонија.
Меѓутоа, ние друго име немаме.
Тие сме и такви ќе бидеме.

Во оваа смисла, сакам искрено да се заблагодарам и заради фактот што Хрватска уште на почетокот ја призна Република Македонија под своето уставно име, со што стана дел од повеќето од 130 држави со кои имаме вакви односи.
Тоа за нас е непроценлива помош која ни овозможува уште повеќе да ја шириме нашата вистина.
Посветени сме на изнаоѓање на решение во разговорите што ги водиме со Република Грција и искрено веруваме дека ќе ја надминеме оваа состојба.

Драги пријатели,

Членството на Република Македонија во Европската унија е наш стратешки интерес.
За остварување на оваа цел постои апсолутна согласност помеѓу сите партии.
Поддршката на граѓаните, исто така, е голема.

Меѓутоа, независно од реформите што ги правиме, наспроти фактот што постојано добиваме позитивни оценки, ние не се радуваме.
Не се радуваме бидејќи успесите не се вреднуваат со наш влез во следната фаза од нашата интеграција во Унијата.
Години со ред добиваме позитивни извештаи од Европската комисија со препораки за почеток на преговорите за членство, но Советот на Унијата, поради противењето на Грција, таквата препорака не ја потврдува.

Сепак, таа е реалноста.
Колку и да е тешка, мораме да се соочиме со неа.

Продолжуваме понатаму, со помош на нашите пријатели да правиме сè за да го модернизираме општеството согласно стандардите на Унијата.

Во оваа смисла, сакам од ова место, сосема искрено да се заблагодарам за целата помош што Хрватска ѝ ја дава на Македонија на патот кон ЕУ.
За нас, ова е непроценливо богатство кое ни овозможува многу полесно да ги спроведеме зацртаните реформи.

Искуството на Хрватска, кое несебично го споделувате со нас, ни овозможува со леснотија да ги совладуваме тешките препреки на патот кон полноправното членство.

Истовремено, благодарни сме и за целата дипломатска и политичка помош и поддршка.

Благодариме за безбројните говори, пофалби и залагања што хрватските претставници ги прават во прилог на Република Македонија на најразлични нивоа во институциите на Европската унија.

Дами и господа,

Иднината на регионот во кој живееме мора и ќе биде различна од непријатното минато што го имавме во нашата понова историја кога ги поставувавме темелите на независноста.
Убеден сум дека имаме сила и капацитети за тоа.

Македонско-хрватските односи без сомнение претставуваат модел за регионот, но и за Европа.

Со успесите и резултатите што ги имаме на билатерален план ги креваме стандардите за останатите држави од нашето непосредно соседство, но и за останатите европски држави.

Имаме со што да се гордееме.

Воспоставивме цврсти односи кои гарантираат дека македонско-хрватското пријателство и во иднина ќе се развива и унапредува.

Ви ги пренесувам поздравите на граѓаните на Македонија.

Ви пренесувам искрени пријателски емоции и големи очекувања.

Таткото на хрватската независност, доктор Фрањо Туѓман во една прилика ќе изјави - цитирам: „IMAMO NA ČEMU GRADITI SVOJU POVIJEST. IMAMO ZAŠTO BITI POVIJESNI I ČUVAJMO TO ŠTO SMO STVORILI. ZNAJMO DA JE NAŠA SUDBINA SAMO U NAŠIM RUKAMA“ - затворен цитат.

На крајот, во потполност согласувајќи се со изнесеното, само ќе додадам - ДА БИДЕМЕ ГОРДИ И ДА ГО ЧУВАМЕ ТОА ШТО СМЕ ГО СОЗДАЛЕ ВО НАШИТЕ МЕЃУСЕБНИ ОДНОСИ.

ДА БИДЕМЕ СВЕСНИ ЗА ГОЛЕМИНАТА НА НАШЕТО ДЕЛО.

НЕКА Е ВЕЧНО МАКЕДОНСКО-ХРВАТСКОТО ПРИЈАТЕЛСТВО.

БЛАГОДАРАМ.

Click